Герасимовски заедно со младите и хигиеничарите го чистеа сметот во Центар

Недозволиво е ова што му се случува на Центар, но и на градот Скопје. Сите скопски општини се преплавени во смет поради неажурноста на градската власт, вели Герасимовски

од Бисера Трајковска
10 прегледи

Градоначалникот Горан Герасимовски денеска заедно со граѓани, млади и хигиеничарите го чистеа сметот во Општина Центар. Герасимовски, потенцира дека чистењето почнало од Буњаковец и продолжило на повеќе локации на ул. „Васил Ѓоргов”, Капишец, Дебар Маало, Градски Парк, просторот кај Олимписки базен, кадешто се собраа огромни кеси со смет.

Тој, истакнува дека кризата со хигиената трае повеќе месеци и континуирано апелирал комуналното претпријатие да го подигне сметот од улиците кадешто има надлежност, но тогаш ЈП „Комунална хигиена” испраќала деманти дека чисти според утврдена динамика.

-Недозволиво е ова што му се случува на Центар, но и на градот Скопје. Сите скопски општини се преплавени во смет поради неажурноста на градската власт. Од утринава, граѓаните и млади лица се вклучија во акцијата кадешто сите заедно со нашите хигиеничари ја чистиме нашата општина. Во чистењето вклучена е целата механизација на општината и ПОЦ, а направиме и план со мерки за справување со кризата. Од денеска е започнато дератизацијата во основните училишта и градинки, предвидено е да трае во следните неколку денови. ЈП „ПОЦ” организира посебни пунктови и распоред за собирање на угостителски отпад. Мора да се направи и дератизација во сите згради, а вонредната дератизација е во тек кадешто во 1980 шахти се фрла сертифициран препарат, рече Герасимовски.

Тој им се заблагодари на сите граѓани кои  помогнале и упати апел до компаниите да помогнат со механизација, камиони и логистика.