Германија има најмногу гласачи на изборите за ЕП, најмалку има Малта

од Илинка Илиоска
836 прегледи

Германија има најголем број граѓани кои ќе можат да гласаат на изборите за Европскиот парламент, каде што има и најголем број на оние кои за првпат можат да изберат европратеници.

Според податоците на националните статистички служби на 27-те земји-членки на ЕУ, објавени денеска од Евростат, Германија има 65,1 милиони граѓани со право на глас.

Зад неа се Франција со 50,7 милиони и Италија со 47,3 милиони.

Најмалку гласачи имаат Малта (0,4 милиони), Луксембург (0,5 милиони) и Кипар (0,7 милиони).

Европскиот парламент се избира на пет години, а од последните избори во 2019 година, 5,1 милион германски граѓани се стекнале со право на глас, најмногу во ЕУ.

За првпат ќе можат да гласаат 4,5 милиони француски граѓани и 2,8 милиони италијански државјани.

Најмалку нови гласачи имаат Малта (26.000), Кипар (59.000) и Естонија (70.000).

Процентуално, Белгија (9,8 отсто), Франција (девет отсто) и Кипар (8,7 отсто) имаат најголем удел на граѓани кои за првпат можат да учествуваат на европските избори.

Вкупно околу 360 милиони граѓани на ЕУ од 6 до 9 јуни ќе можат да гласаат за 720 пратеници на новото свикување на Европскиот парламент.

Слични содржини