Германија издвојува 576 милиони евра за набавка на муниција за Украина

Со таа сума Германија ќе финансира набавка на 180.000 парчиња муниција и ќе обезбеди речиси 40 отсто од вкупната сума што ја ветија европските земји учеснички во овој проект, соопшти денеска германското Министерство за одбрана.

од Бети Божиноска
143 прегледи

Германската влада ќе придонесе со 576 милиони евра за чешката иницијатива за заедничко купување муниција надвор од Европската унија (ЕУ) за да ја поддржат  Украина и да надоместат за недостигот во производството на ЕУ.

„Со таа сума Германија ќе финансира набавка на 180.000 парчиња муниција и ќе обезбеди речиси 40 отсто од вкупната сума што ја ветија европските земји учеснички во овој проект,“ соопшти денеска германското Министерство за одбрана, посочувајќи дека таа муниција треба да биде испорачана „од јуни“ на украинскиот фронт.

Чешка веќе неколку месеци се мобилизира за да ги убеди другите земји да финансираат фонд наменет за набавка на муниција што ЕУ не може да ја произведе во доволни количини. Прага во февруари соопшти дека идентификувала 800.000 достапни гранати во неевропските земји кои би можеле брзо да бидат испратени во Украина со формирање група купувачи во земјите-членки на ЕУ.

Германија веќе на почетокот на март најави дека ќе учествува во оваа иницијатива со „троцифрена сума“, односно меѓу 100 и неколку стотици илјади евра. Белгија, Велика Британија, Данска, Франција, Литванија, Холандија, Норвешка и Шведска се исто така меѓу земјите кои придонесуваат за оваа иницијатива.

Веќе неколку месеци украинските сили се соочуваат со очигледен недостиг од муниција за да ги одбијат подобро опремените руски сили. Европските земји се борат да го обезбедат она што му треба на Киев бидејќи воената индустрија во ЕУ сè уште не е приспособена на војување со висок интензитет.

ЕУ лани се обврза да обезбеди еден милион парчиња муниција до март 2024 година, но ветувањето не беше исполнето. Прашката иницијатива досега овозможи собирање средства неопходни за набавка на 300.000 гранати, според бројките што ги даде чешкиот премиер Петр Фиала на почетокот на март.

Слични содржини