Германската влада најави пакет од повеќе од 65 милијарди евра за да им помогне на жителите да се справат со зголемените трошоци за енергија и инфлацијата. Билетите за јавниот превоз ќе поевтинат, пензионерите и студентите ќе добијат парична помош.
„Ќе ја преживееме оваа зима“, рече германскиот канцелар Олаф Шолц на прес-конференцијата по разговорот за акцијата на владата, нагласувајќи дека Германија ќе има корист од досегашните одлуки што ги донесе владата.
Претставниците на коалициските партии ја истакнаа националната солидарност во актуелната ситуација. „Германија е обединета во овие тешки времиња“, рече Шолц.
Мерките вклучуваат нов, поевтин билет за национален јавен превоз, паушална стапка за пензионерите и студентите од 300 односно 200 евра за помош во трошоците за енергија, зголемување на бенефициите за оние кои не можат да работат и зголемување на месечната сума што ја добиваат родителите за секое дете.
Коалициските партии се договорија и за исплата на бонус од 300 евра за вработените, со што ќе се обидат да им помогнат и да се справат со поскапувањето на енергенсите.
Владата ќе воведе и пониски цени за основното ниво на потрошувачка на енергија, така што потрошувачите ќе мора да плаќаат повисоки цени само кога ќе ја надминат оваа сума.
Германија, како и другите европски земји, се соочува со долгорочни последици од пандемијата и економската криза, зголемувањето на цените на енергијата поради руската инвазија на Украина и намалувањето на извозот на руски гас и нафта во Европа.