Рускиот производител на вакцина против коронавирус, исто така, сака да произведува во германската компанија ИДТ Биологика, идеја што германските политичари целосно поддржуваат, но од самата фабрика велат дека нема да оди брзо затоа што нема доволно производствени капацитети, пренесува Дојче веле. Пред каков било ангажман, предуслов е руската вакцина да биде одобрена во ЕУ.
Откако западните експерти утврдија дека руската вакцина е ефикасна и безбедна, Германија започна интензивно да размислува за производство на Спутник V во таа земја, според ДВ, посочувајќи дека германскиот министер за здравство Јенс Шпан изјавил дека со Москва, „разговара“ да се најде производствени капацитети во Германија.
Речиси веднаш се огласил и премиерот на Саксонија Анхалт, Рајнер Хаселоф и потврдил дека Русите се обратиле до компанијата ИДТ Биологика во Источна Германија.
„Нема идеолошки предрасуди против Спутник V. Ние поздравуваме сè што може да помогне во борбата против коронавирусот. Ако ИДТ Биологика сака да ја произведе руската вакцина и ако биде одобрена од надлежните тела на ЕУ, ние, како покраинска влада, секако ќе сториме сè за да и помогнеме на таа компанија“, изјавил за новинарите портпарол на покраинската влада.
Овој вид на добредојде од политичарите е лесен за разбирање, со оглед на растечкото незадоволство во Германија поради бавната вакцинација. Германија заостанува не само позади Израел, туку и зад САД или Велика Британија. Критиката е особено гласна затоа што, всушност, една германска компанија – Бајонтек од Мајнц – прва ја создаде вакцината, но Берлин не се потруди да побара од таа компанија примарно да го реши домашниот пазар.
Русија минатата година беше критикувана затоа што реши масовно да ја користи Спутник V, пред крајот на сите тестови, но угледното медицинско списание „Лансет“ минатата недела објави дека ефикасноста на вакцината е 91,6 проценти, потсетува ДВ.
Германската канцеларка Ангела Меркел се понуди да ѝ помогне на руската вакцина да добие дозвола, а Франција, исто како и Шпанија, веќе објави дека се подготвени да ја користат и таа вакцина.
Според рускиот фонд РДИФ, кој го финансираше развојот на Спутник V, досега повеќе од два милиони луѓе во 15 земји ја примиле вакцината – вклучувајќи Србија и Унгарија, која е членка на ЕУ, јавува ДВ.