Германската владејачка коалиција е се поподелена околу политиката во Украина, при што Социјалдемократската партија (СПД) на канцеларот Олаф Шолц е фатена во вкрстен оган од своите коалициски партнери поради омекнувањето на својот став за поддршката за Киев , пишува „Еурактив“.
Минатонеделниот говор на парламентарниот лидер на СПД, Ролф Муцених, во кој тој реторички праша дали е дојдено време да се „размисли како да се замрзне војната и да се заврши подоцна“, предизвика контроверзии во владејачката коалиција.
„Омаловажувачките забелешки на Муцених за оние во коалицијата кои размислуваат поинаку и неговите неинспиративни зборови за замрзнување на конфликтот, заедно со позицијата на канцеларот, претставуваат пресвртница во надворешната политика“, рече заменик-претседателот на пратеничката група на либералната Слободна демократската партија (ФДП), Михаел Георг.
Шолц минатата недела жестоко ја бранеше својата одлука да не испраќа ракети „таурус“ во Украина, предизвикувајќи критики од своите коалициски партнери.
„Зелените“ не беа импресионирани ниту од говорот на Муцених. Шефицата на „Зелените“, Рикарда Ланг изјави за „Велт“дека неговиот говор означува „враќање во старата руска политика на социјалдемократите“.
Челниците на СПД се обидоа јавно да ја покажат својата „непоколеблива поддршка“ за Украина, па минатиот викенд лидерот на СПД, Саскија Ескен, рече дека „природно е да се сподели копнежот за мир, што особено го чувствуваат Украинците“ и нагласи дека СПД апелира до рускиот претседател да се врати на преговарачка маса.
Во дебатата се вклучи и опозициската партија ЦДУ, која предупреди дека СПД во моментов ги тестира водите со идеја за замрзнување на конфликтот. Според портпаролот на ЦДУ за надворешна политика, Родерик Кизеветер, СПД сè уште има проблем со „романтизацијата на Русија која сега на ужасен начин ѝ излегува низ нос на Германија“.