Германскиот канцелар ја предупреди Меркел дека троши премногу пари

од Destan Jonuzi
230 прегледи

Кабинетот на германскиот канцелар ја предупреди својата претходничка Ангела Меркел за преголемите трошоци што канцеларијата ги создава откако поранешната канцеларка ја напушти функцијата во декември минатата година, јавуваат германските медиуми.
„Се одржаа дискусии меѓу кабинетот на канцеларот и раководството на кабинетот на Ангела Меркел, кои се однесуваат на прилагодување на бројот на вработени во оваа канцеларија според потребите”, го пренесуваат германските медиуми интерниот допис од Министерството за финансии.

Понатаму се посочува дека Канцеларијата на поранешната канцеларка постои не поради „статусни причини”, туку поради „исполнување на обврските кои произлегуваат од мандатот на канцеларот, како и новосоздадените должности”.

Се нагласува дека, кога станува збор за функцијата на Канцеларијата, „исклучено е користење за приватни цели, како и за остварување дополнителен приход”.

Надомест на патни трошоци може да се разгледува само доколку поранешниот канцелар патува по наредба и заради интересите на Сојузна Република Германија”, се вели во писмото на Министерството за финансии до комисијата за буџет на Бундестагот. Во писмото не е прецизирано за кое конкретно патување станува збор.

Понатаму, критикуван е и преголемиот број вработени во канцеларијата. Според законот од 2019 година, Бундестагот финансира најмногу пет вработени за поранешните премиери: менаџер на канцеларија, двајца службеници, секретар и возач. По пет години бројот се намалува на четири лица.

Канцеларијата на поранешната канцеларка Ангела Меркел (Христијанско-демократската унија) во моментов вработува девет лица. Вработените во кабинетот на поранешната канцеларка се на платниот список на Канцеларот на државата.

Слични содржини