На последниот ден од неговата тридневна официјална посета на Грција, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер побара прошка за злосторствата извршени од окупаторските германски сили во оваа земја за време на Втората светска војна.
„Бруталноста, дивјаштвото, презирот кон човечкиот живот што го покажаа германските окупатори сè уште ме оставаат без зборови“, рече Штајнмаер на комеморацијата за жртвите на масакрот што го извршиле германските војници во селото Канданос во Ханија, Крит, пренесува Катимерини.
„Би сакал да ве замолам за прошка денес во име на Германија“, рече тој, говорејќи на грчки.
„Ве молам, преживеаните и потомците, за прошка за грозоморните злосторства извршени овде од Германците. Барам прошка за фактот што во текот на многу децении мојата земја не ги казни овие злосторства. Дека на таа војна првично замижуваше и молчеше. Не можеме да го вратиме времето, да го смениме страдањето. Никогаш нема да можеме правилно да го надоместиме тоа. Но, мораме да го одржиме неговото сеќавање за да се осигураме дека она што се случи еднаш, нема да се повтори“, додаде тој.