Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар ја обвини Иранската револуционерна гарда за заговор за напад врз Израелците на Кипар во вторник, неколку часа откако на медитеранскиот остров беше уапсен осомничен терорист.
„Благодарение на активностите на кипарските безбедносни власти, во соработка со израелските безбедносни служби, беше спречен терористички напад. Израел му се заблагодарува на Кипар за неговите брзи и ефикасни акции“, напиша Сар во објава на мрежата „X“.
Тој, исто така, го обвини „криминалниот режим“ на Иран за „намерно таргетирање на израелски цивили и во и надвор од Израел“, објави „Тајмс оф Израел“.
„Израел ќе продолжи да дејствува за да ја елиминира егзистенцијалната закана што ја претставува иранскиот терористички режим“, рече Сар.
Полицијата на Кипар уапси маж осомничен за терористички активности и шпионажа, објавија локалните власти претходно денес.
Осомничениот денес се појави пред судија на Окружниот суд, кој му одреди осумдневен притвор до завршување на истрагата, објави Ројтерс.
Полицијата соопшти дека нема да даде дополнителни детали, наведувајќи ги причините за националната безбедност.
Кипар се наоѓа многу блиску до Блискиот Исток и во последниве денови се користи како транзитна точка за луѓе кои го напуштаат регионот на Блискиот Исток или одат таму поради конфликтот меѓу Израел и Иран.
Сепак, како што објавува Ројтерс, терористичките дела во оваа островска држава се многу ретки.