Глобално зголемување на цената на храната во септември: Цените на шеќерот скокнаа за 10,4 отсто

од Vladimir Zorba
44 прегледи

Светските цени на храната во септември забележаа најбрз раст во изминатите 18 месеци, објави Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Сите групи на прехранбени производи со кои се тргува на глобално ниво поскапеа, а најмногу шеќерот.

Во септември глобалниот индекс на цените на храната изнесуваше 124,4 поени, што е три отсто повеќе во однос на август и 2,1 отсто повеќе од претходната година.

Најголем пораст во септември забележа индексот на цените на шеќерот кој порасна за 10,4 отсто.

Порастот на цените на шеќерот беше поттикнат од влошувањето на изгледите за земјоделските култури во Бразил. Исто така, одлуката на Индија да ги укине ограничувањата за употреба на шеќерна трска во производството на етанол може да влијае на извозот на шеќер во земјата.

Цените на житата поскапеа за три отсто, пред се поради повисоките извозни цени на пченицата и пченката. Меѓународните цени на пченицата се зголемија поради загриженоста за прекумерно влажните услови во Канада и Европската унија, иако тоа беше делумно неутрализирано со конкурентни цени од регионот на Црното Море.

Пораснаа и светските цени на пченката, под влијание на ниското ниво на вода на клучните бродски рути долж реката Мадеира во Бразил и реката Мисисипи во САД.

Наспроти ова, индексот на цените на оризот е намален за 0,7 отсто.

Цените на растителното масло се зголемија за 4,6 отсто во однос на август, со зголемени цени на палминото, соја, сончогледовото масло и маслото од репка.

Растот на меѓународните цени на палминото масло се должи на пониското производство од очекуваното во главните земји производители во Југоисточна Азија.

Поскапеа и млечните производи, па нивниот глобален индекс во септември порасна за 3,8 отсто, заедно со поскапувањата на полномасното млеко во прав, обезмастеното млеко во прав, путерот и сирењето.

Цените на месото се зголемија за 0,4 отсто, главно поради повисоките цени на живинското месо предизвикани од силната увозна побарувачка за овие производи од Бразил. Светските цени на говедското и свинското месо останаа стабилни, а на овчо месо благо паднаа во однос на августовските нивоа.

Слични содржини