Народна банка информира дека продолжува растот на зелените кредити во портфолијата на банките и во вториот квартал од 2024 година. „Зелените кредити“ се заеми наменети за проекти кои поддржуваат одржливи, еколошки цели или цели кои придонесуваат за зелената транзиција во општеството, како што се инвестиции во нова еколошка технологија.
Според податоците на Народната банка, во вториот квартал од 2024 година растот на „зелените кредити“ изнесува 2,6 милијарди денари или 2,8 отсто, додека на годишна основа, како што се наведува, растот на овие кредити забави и изнесува 14,9 отсто. Во споредба со крајот на 2019 година, кога започна прибирањето и објавувањето на овие податоци, „зелените кредити“ се зголемени за 2,8 пати.
На крајот од второто тримесечје од 2024 година, според податоците на Народната банка, состојбата на „зелените кредити“ во билансите на банките изнесува 20.423 милиони денари. За споредба, на крајот на 2019 година тие изнесувале 7.176 милиони денари. Заклучно со второто тримесечје од 2024 година, состојбата на кредитите одобрени на компаниите изнесува 19.407 милион денари, додека на домаќинствата изнесува 1.016 милиони денари.
– Расте и уделот на „зелените“ во вкупните кредити, иако сѐ уште е на релативно ниско ниво. Oд крајот на 2019 година, заклучно со второто тримесечје од 2024 година, учеството на „зелените“ во вкупните кредити е зголемено од 2,2 отсто на 4,5 отсто, колку што изнесува во последните три квартали, се вели во соопштението.
Народната банка, како што се наведува, препознавајќи ги ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ја постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон „зелената“, одржлива економија. Оттаму посочуваат дека преку низа активности придонесуваат за поттикнување на „зеленото финансирање“, вклучувајќи ги и монетарните мерки.