Целото село Бриенц, каде живеат 70 жители, беше евакуирано во средината на мај, кога геолозите предупредија дека е неизбежен голем одрон, пишува Би-Би-Си.
Карпата директно над селото, наречена „островот“, е нестабилна со децении. Но, оваа пролет, лизгањето на карпата почна да се забрзува.
Многу жители беа свесни дека ќе мора привремено да ги напуштат своите домови, но не беа задоволни што наредбата за евакуација дојде толку ненадејно. Неколку дена пред да дојде наредбата, им беше кажано да го очекуваат овој потег дури кон крајот на летото. Наместо тоа, тие беа повикани на итен состанок во селото на 9 мај и им беше кажано дека имаат 48 часа да заминат.
Во неделите што следеа, некои беа фрустрирани што допрва треба да се случи огромно лизгање на земјиштето. Прашаа зошто не можат да си одат дома кога се чинеше дека камењата полека и безопасно паѓаат надолу.
Но, во четвртокот вечерта, се случи она што го предвидоа геолозите, а властите во источниот кантон Граубинден изјавија дека селаните имале среќа што биле евакуирани порано.
Две третини од карпата, која се проценува на вкупно повеќе од два милиони кубни метри, се урна.
На олеснување на селаните, хеликоптерите кои го прелетаа селото по одронот не пријавија видливи оштетувања на куќите, но се чини дека жителите наскоро нема да се вратат во селото. Имено, на планината горе се уште има и до милион кубни метри „разлабавени“ камења.
Кристијан Гартман, портпаролот на селските власти, предупреди дека за време на лизгање на земјиштето, големи камења се судираат едни со други, создавајќи помали парчиња кои лесно можат да ги скршат прозорците на куќите и сериозно да повредат некого.
Се поставува прашањето дали ситуацијата во Бриенц е последица на климатските промени. Швајцарските Алпи се особено ранливи на глобалното затоплување. Како што глечерите се намалуваат и вечниот мраз високо во планините почнува да се топи, карпата станува нестабилна.
Всушност, планината над Бриенц нема вечен мраз, но невообичаено обилниот дожд оваа пролет, исто така поврзан со глобалното затоплување, секако беше фактор за итна евакуација на жителите. Планината, натопена со вода, почна побрзо да се лизга кон долината. Геолозите предупредуваат дека планинските области може да очекуваат повеќе паѓања на камења поради климатските промени.