Голем одзив на бојкотот на маркетите во Хрватска

од Milan1
13 прегледи

Значителен број граѓани на Хрватска и денеска учествуваа во општиот бојкот на продавниците и услугите поради високите цени, покажуваат најновите податоци на Даночната управа.

Бројот на издадени фискални сметки во малопродажбата од полноќ до 15 часот е намален за 31 отсто, додека вкупната вредност на издадените сметки е за 42 отсто помала во споредба со петокот, 17 јануари, кога немаше бојкот.

Во однос на претходниот петок, кога се одржа првиот еднодневен бојкот, бројот на издадени сметки во малопродажбата е за 18 отсто поголем, а вкупната вредност на издадените сметки за 15 отсто повисока.

Платформата за заштита на потрошувачите „Ало, инспекторе“ денеска повторно повика на бојкот на сите продавници, производи и услуги поради високите цени.

Одзивот на граѓаните е евидентен низ празните продавници и трговски центри во Загреб, каде што ретко кој влегува, а фотографии од празни маркети низ целата земја се објавуваат на хрватските портали и на социјалните мрежи на „Ало, инспекторе“.

Дополнително, во тек е седумдневен бојкот на трговските синџири Лидл, Еуроспин и ДМ, бидејќи нивните цени во Хрватска се повисоки отколку во другите земји на ЕУ. Исто така, потрошувачите одлучија да бојкотираат три производи чии цени значително се зголемиле, газирани пијалаци, флаширана вода и сите видови детергенти.

Бојкотот доби поддршка од здруженија на потрошувачи, политички партии, синдикати и Владата.

Слични содржини