Цените на нафтата паднаа под 76 долари на меѓународните берзи, бидејќи загриженоста за побарувачката ги засени ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток и најавата за намалено производство во Либија.
Да потсетиме, пред пет дена цената на нафтата беше над 80 долари.
На лондонската берза цената на барелот по пладне беше пониска за 41 цент отколку на затворањето на тргувањето вчера и изнесуваше 75,89 долари. Речиси за исто толку барелот поевтини на американскиот пазар каде се тргуваше за 72,51 долар.
На крајот на минатата недела, нафтените пазари драстично паднаа поради олабавувањето на вработеноста во САД.
Американските работодавци отвориле само 114 илјади нови работни места во јули, што е речиси половина помалку од месечниот просек пред 12 месеци, објави во петокот Министерството за труд. Стапката на невработеност се зголеми за 0,2 процентни поени во однос на јуни, на 4,3 отсто, што сигнализира послаба побарувачка за работна сила и зголемен ризик од рецесија.
Во таков амбиент, цените на нафтата во Лондон го завршија тргувањето во петокот со загуба од 2,71 долари, а во САД со 2,79 долари.