Веројатноста невакцинираните луѓе да починат како последица на ковид-19 е 32 пати поголема во споредба со луѓето кои се вакцинирани со две дози од вакцината, покажале резултатите на британската студија.
„Значително е пониска стапката на смртност од ковид-19 меѓу оние кои се вакцинирани со две дози во споредба со оние кои се вакцинирани со една доза или пак не се воопшто вакцинирани“, објавил британскиот Национален оддел за статистика (ONS).
Во истражувањето и анализата на биле користени стапките на смртност приспособени според возраста, кои ги земаат предвид разликите во возраста и бројот на членовите на возрасните групи, за да се добие валидна споредба на различни вакцинирани и невакцинирани групи.
Резултатите покажале дека во периодот од 2 мај до 21 септември годинава, стапката на смртност меѓу невакцинираните изнесувала 849,7 на 100.000 жители, пренесуваат британските медиуми.
Меѓу вакцинираните со две дози имало само 26,2 на 100.000 жители смртни случаи, а за оние со една доза стапката изнесувала 105,3, се додава во извештајот.
„Ова досега се најдобрите достапни податоци за ефикасноста на вакцините, дека спречуваат најтежок исход од ковид-19“, изјавил д-р Питер Инглиш, поранешен советник во националното тело за контрола и превенција на болести.
„Сепак, важна е пораката која излегува од ова истражување, дека вакцината е високоефектна против смртоносен исход од Ковид-19. Веројатноста дека ќе починете како последица на Ковид-19 е 32 пати помала кај вакцинираните“, истакнал тој.