Кина ги започна дводневните воени вежби околу Тајван како „строга казна“ за „сепаратистичките дејствија“ на администрацијата на островот, кој Пекинг го смета за кинеска територија.
Би-Би-Си наведува дека вежбите започнале три дена по инаугурацијата на тајванскиот претседател Вилијам Лаи, кого кинеските власти го означија како „проблематична личност што предизвикува проблеми“.
Министерството за одбрана во Тајпеј последните вежби ги оцени како „ирационална провокација“.
Британскиот медиумски сервис потсетува дека Кина во изминатата година во неколку наврати вежбаше да го опкружува Тајван со борбени авиони и борбени бродови. Сепак, овие маневри се разликуваат од претходните на многу начини.
Би-Би-Си нагласува дека Кина за прв пат симулира општ напад на островот, наместо само да практикува воведување економска блокада како во 2022 година.
Исто така, за прв пат, малите тајвански острови кои се блиску до брегот на копното на Кина се назначени како цели за вежбање. На мапата што ја објави Кинеската Народноослободителна армија, со црвено се означени островчињата Донџин, Мацу, Вуки и Кинмен.
Дополнително, воените аналитичари забележуваат дека Кина за прв пат не ги објавила вежбите однапред, туку потврдила дека тие се одржуваат дури кога почнале маневрите. Се потсетува дека кинеските воени вежби околу Тајван во 2022 година беа однапред најавени од Пекинг.
Воените аналитичари, исто така, истакнуваат дека кинеските власти ги означиле најновите вежби како 2024 А, што укажува дека овие маневри би можеле да бидат само први од серијата оваа година.
Кинеската Народноослободителна армија не крие дека со овие маневри го практикува опкружувањето на Тајван, со оглед на мапата што ја објави. Тоа покажува дека вежбите се одржуваат на локации низ островот. Се вели дека со ова Кина испраќа порака „ако сакаме, би можеле да го блокираме местото, да го прекинеме снабдувањето со храна и потенцијално да ја фрлиме владата (во Тајпеј) на колена“.
За време на овие вежби се симулира и инвазијата на Тајван, бидејќи во неа се вклучени амфибиски возила и проектили.
Министерството за одбрана во Тајпеј соопшти дека армијата таму е во состојба на готовност и „внимателно собира разузнавачки информации“.
Би-Би-Си наведува дека властите на островот со оваа изјава всушност велат дека, ако Кина вежба инвазија на островот со овие маневри, Тајпеј сега може да види како ќе се одвива и да биде подготвен за можен напад во иднина.
Инаки меѓу четворицата тајвански политичари кои се залагаат за независност на островот, новоизбраниот претседател Вилијам Лаи, според Би-би-си, веднаш станал најомразен во Пекинг.