Ако како тинејџер сте кликнале „да, имам 18“ на нелегални сајтови, се чини дека оваа практика ќе замине во минатото. Имено, Google објави почеток на тестирање на модел за проценка на возраста со помош на машинско учење што треба да помогне да се утврди дали корисникот е под 18 години. Сличен механизам е најавен и на други платформи, како што е Discord.
Во објавата на својот официјален блог, компанијата истакна дека моделот, кој се очекува да биде претставен подоцна оваа година, има за цел да обезбеди „посоодветни искуства за помладите корисници“. Прво ќе биде достапен во САД, а подоцна ќе се прошири и во други земји.
Оваа иницијатива доаѓа во време кога технолошките компании чувствуваат зголемен притисок од законодавците да ги направат своите платформи побезбедни за помладите корисници. Минатата година „Meta“ претстави сличен модел на вештачка интелигенција кој помага да се процени дали корисникот е под 18 години.
Google изјави за CNET дека моделот ќе користи машинско учење за да анализира различни податоци поврзани со корисничка сметка, како што се историја на пребарување, категории на видеа што се гледаат и постоење на сметка. Овие податоци можат да му помогнат на моделот да препознае обиди за фалсификување на возраста.
Ако моделот погрешно означи сметка како малолетна, корисникот ќе може да ја потврди својата возраст со официјална лична карта, кредитна картичка или селфи. Google, исто така, рече дека истражуваат дополнителни методи за проверка на возраста. Слични методи веќе применија и други компании, како Meta, на различни пазари, вклучително и во Европа.
Извршниот директор на YouTube, Нил Мохан, ја спомена алатката заснована на машинско учење во најавата за приоритетите на компанијата за 2025 година, нагласувајќи дека таа ќе продолжи „одговорно да ја користи моќта на вештачката интелигенција за да го подобри искуството на YouTube за сите корисници“.
Дополнително, Google планира да воведе дополнителни безбедносни мерки за малолетнички сметки, како што се филтрирање или замаглување на експлицитни резултати од пребарувањето и ограничување на чувствителните реклами и содржини на YouTube.
Една од новите функции ќе биде „School Time“ за уредите со Android, што ќе им овозможи на родителите да го ограничат пристапот до апликациите за време на училишните часови. Меѓу претстојните промени се полесно управување со детските онлајн содржини преку Google Family Link и опцијата „допрете за да платите“ на телефоните со Android со согласност од родителите.
„Google“ нагласува дека овие промени се дел од една поширока иницијатива за да им се обезбеди на помладите корисници побезбедна и посоодветна онлајн околина.