Неодамна избран градоначалник беше застрелан и убиен вчера во јужната мексиканска држава Гереро, соопштија локалните власти. Салвадор Вилалва Флорес победи на локалните избори на 2 јуни и требаше да ја преземе функцијата градоначалник на Копала, град со околу 4.000 жители, во октомври.
Гереро е една од сојузните држави најмногу погодени од насилството на нарко картелите, со оглед на нејзината локација долж брегот на Мексико во Пацификот. Минатата година во таа сојузна држава се регистрирани 1.890 убиства.
Локалниот весник „Ел Сур де Гереро“ објави дека Вилалба бил пензиониран капетан на морнарицата кој обично бил заштитен од Националната гарда, но сега патувал сам во Мексико Сити. „Новоизбраниот градоначалник беше изваден од автобусот со кој патуваше и беше убиен“, пишува весникот.
Обвинителите потврдија дека е покрената истрага за убиството, но одбија да дадат дополнителни детали. Локалните медиуми објавија и дека Вилалба одлучил да се кандидира за градоначалник откако неговиот пријател кој решил да се кандидира на изборите бил убиен во јуни минатата година.
На општите избори во Мексико на 2 јуни, левичарката Клаудија Шејнбаум беше избрана со големо мнозинство за прва жена претседател во земјата. Покрај изборот на нов претседател, Мексиканците гласаа за членови на Конгресот, неколку државни гувернери и безброј локални функционери. Кандидатите се натпреваруваа за повеќе од 20.000 позиции.
Најмалку 34 политички кандидати се убиени низ Мексико во пресрет и по изборите, според групата за човекови права Дата Цивика.