Грчев: Измените на Законот за урбанистичко планирање се сурови прекршувања на уставниот поредок

од Илинка Илиоска
458 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски неодамна изјави дека има намера да го заврши проектот „Скопје 2014“, што предизвика значителни реакции во јавноста и ја обнови дебатата за урбанистичкото планирање и централизацијата на власта во Северна Македонија. Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, информираше дека „законски чистите“ објекти од проектот ќе добијат одобрение за градба, нагласувајќи дека е потребна соработка помеѓу општините, Град Скопје и Министерството за транспорт и врски за да се избегне урбанистички хаос. Во контекст на новите законски измени, Герасимовски повика на широка дебата со стручњаци, невладини организации и јавноста.

Во септември се очекува да биде формирана работна група која ќе го разгледа процесот на урбанистичко планирање и ќе работи на нов Закон за урбанистичко планирање, како што најави министерот за транспорт и врски, Александар Николоски. Овој потег доаѓа по критиките на невладиниот сектор за скратената постапка и содржината на законските измени.

Архитектот и професор Мирослав Грчев, во интервју за „Локално“, жестоко го критикува продолжувањето на проектот „Скопје 2014“ и новите законски измени, наведувајќи дека тие претставуваат противуставна, сериозна закана за урбанистичкиот развој и демократијата во земјата.

„Таканаречениот проект Скопје 2014 беше целиот вонуставна и бесправна злоупотреба на власта од страна на политичката врхушка на чело со премиерот Груевски и неговата камарила од ВМРО-ДПМНЕ. Штетните последици од откраднатите милијарда евра буџетски пари, кои во криминалните постапки на владата беа незаконски одземани од буџетот наменет за културни дејности, музеалски дејности, кинотечни и театарски дејности и слично, се практично незначителни кога ќе се споредат со културната штета што оваа кражба на векот ја изврши врз македонската култура, врз самоидентификацијата на македонските граѓани, врз декомпонирањето на уставниот поредок и врз угледот на земјата во меѓународната заедница“ рече Грчев.

Тој истакна дека ова силување на една „заробена држава“ од страна на партијата на власт претставува траен култорицид, културна катаклизма во која лошиот вкус, кичот и криминалниот стиропор барококо стил станаа „официјални“ во земјава, беа насилно и неуставно „легализирани“ и претворени во норма.

„Дома грдото го претворивме во убаво, криминалот во закон, кичот во уметност, практично го остваривме Орвеловиот дистописки свет од неговата „1984“, а во меѓународната заедница станавме инфантилна нација што не си го знае сопствениот идентитет, и дури се поигрува со него, создавајќи еден идентитетски инженеринг со кој се измислува лажна антиквизирана и хеленизирана историја што треба да ја докаже нашата античка етногенеза. Ова безумие го препознаа во целиот свет како самодеструктивна реакционерна и фашизоидна практика на вмровската власт, а нам ни ги собори позициите и угледот во сите меѓународни процеси, додека Скопје во светот стана познато како „кич метропола“ на Европа“, рече професорот.

Грочев смета дека, најтемелниот проблем на тој таканаречен „проект“ (Орвеловската природа на зафатот може да се види и во овој перверзен наслов, во кој поимот „проект“ се употребува со неговото обратно значење, односно за будалштина што нема никаква врска со планирањето, проектирањето или каква и да е друга рационална инженерска дејност) е што е тој воедно и симптомот и самиот перформанс на демонтирањето на македонската демократија и држава.

„Имено, во нашиот устав е експлицитно утврдено дека локалната самоуправа е темелна вредност на уставниот поредок и дека основна и неотуѓива надлежност на единиците на локалната самоуправа е урбаното планирање и комуналните работи. Тоа значи дека централната власт нема и – според Уставот на РСМ – не смее да има никакви ингеренции во локалното планирање, односно во планирањето на населените места и општинските атари“, потенцира професорот

Грчев смета дека ова пак станува клучниот критериум за определување дали една власт е демократска или е авторитарна, диктаторска и тиранска: кога ќе ги видите премиерот и министрите да се бават со урбанизам, со комунални работи, со „разубавување на градот“, тоа значи дека власта е авторитарна, дека се работи за диктатура што ги злоупотребува демократските механизми да се дофати до власта.

„Исто направи и Хитлер: тој дојде на власт по пат на демократски избори и парламентарни одлуки, со коишто потоа ја воспостави најужасната диктатура во историјата. И неговата диктатура веднаш ја пројави страста да се бави со урбанизам и архитектура, и да ја менува метрополата правејќи си од неа надгробен споменик. Многу современи диктатури, особено оние централно-азиските кои настанаа од републиките на Советскиот Сојуз, станаа карикатурални споменици на своите наследни диктатори што, се разбира, се избираат на ѓоа демократски избори. Градењето на метрополити во чест на своето неограничено владеење е секогаш првиот нагон на сите диктатори или диктаторчиња, колку и да биле тие мали и бедни“, рече Грчев.

Во контекст на измените на Законот за урбанистичко планирање, Грчев предупредува дека „неколку сурови прекршувања на уставниот поредок“ се внесени во законот, што претставува „чекор кон повторна неуставна централизација на власта и дерогирање и уништување на автономијата на локалната самоуправа“.

Според него, измените што го уредуваат членот 51 од законот, кој се однесува на согласноста на Министерството за транспорт за урбанистичките планови, се спротивни на уставната одредба за локалната самоуправа.

„Оваа согласност е исто така спротивна на јасната уставна одредба од членот 115 од Уставот, во која е децидирано уредено дека урбаното планирање е оригинерна и неотуѓива надлежност на локалната самоуправа. Но, во процесот на децентрализација оваа неуставна согласност требаше постапно да се укине, па во таа насока во Законот за урбанистичко планирање беа поместени повеќе услови и критериуми што согласноста треба да ја канализираат во полза на квалитетот планирањето. Еден од тие услови беше и дека согласноста мора да биде дадена во рок од 20 дена, а во спротивно се смета дека е издадена. Овој законски услов ги штитеше општините од самоволието на централната власт, од државниот рекет и незаконското партиско и друго политичко влијание, како и од коруптивната уцена на централната администрација“, рече Грчев.

Според него, измените што пројдоа секавично, среде летните празници, овој за централната власт ограничувачки услов е избришан, та сега недавањето на согласноста е временски неограничено, со што министерот ја презема надлежноста за урбано планирање од сите општини, и тоа со право воопшто и да не образложува зошто го укинува уставното право на општината да одлучува за своите локални работи.

„Се работи повторно за сериозен симптом на нурнувањето во диктатура, неуставно законодавство и владеење, односно повторно злоупотреба на централната власт, добиена легално на демократски избори. Како што гледате – а се работи за очебијни процеси – Орвеловата дистопија повторно влегува на голема врата во Македонија. Власта веќе не разликува што означува зборот „самоуправа“ кога се работи за уставната системска одредба за локалната власт, и локалната самоупава ја третира како централна управа на локалните работи, значи апсолутно орвеловски спротивно. Војната е мир, слободата е ропство, незнаењето е моќ … тоа беа апсурдните слогани на Орвеловото Министерство на вистината. Можеме да им го додадеме владиниот слоган за локалната самоуправа: Локалната самоуправа е централната управа (со локалните работи)“ истакна Грчев.

Професорот Грчев смета дека оваа ситуација е многу сериозна и дека повторното нурнување во диктатура и злоупотребата на централната власт претставуваат опасност за уставниот поредок и демократскиот развој на земјата.

„Иста е приказната и во врска со изјавите на премиерот за довршување на дистопискиот „проект“ Скопје 2014, или мислењата на министерот за транспорт за урбанистичкото планирање, за мораторимот на градење или за апсолутно безумната забрана за градење на територијата на скопските општини (што не се во власт на ВМРО-ДПМНЕ) што би требало да трае 20 години (или можеби е печатна грешка, а министерот мислел на 200 години, колку што планира да биде на власт?!). Самиот факт што премиерот и министерот зборуваат како господари на животот и смртта, и тоа за работи за коишто немаат уставна надлежност, но и немаат основни познавања на материјата, зборува за сериозноста на ситуацијата со уставноста, владеењето на правото и воопшто со владеењето на здравиот разум во земјава“, рече професорот.

Тој додаде дека овие истакнати политичари од врвот на извршната власт не би смееле да одлучуваат за работи за коишто според Уставот е надлежна локалната самоуправа.

„Тие не би смееле да ја продолжуваат практиката на авторитарно одлучување за куќи, улици, плоштади или други елементи од населените места што се предмет на работа на инженери од специјализирани струки, а предмет на одлучување на граѓаните – директно или преку претставници во органите на локалната самоуправа. Овие политички лица не би смеело да ја злоупотребуваат власта и да даваат изјави за материја за којашто имаат познавања колку и 12 годишни машки деца. Огромноста на нивното незнаење од областа на урбанизмот, градежништвото и комуналните работи е споредливо само со степенот на нивната несвесност за сопствената инкомпетентност, како и со качеството на нивната ароганција со која лежерно и авторитативно зборуваат глупости за работи за коишто не знаат ништо“, заклучи Грчев.

И.И.

Слични содржини