Грчката православна црква побара екскомуникација на Мицотакис и пратениците поради законот за истополови бракови

„Бараме од нив да се покајат, во спротивно автоматски ќе бидат исклучени од христијанскиот обред на причестување и другите црковни обреди“, соопштија од епископијата

од Бети Божиноска
337 прегледи

Грчката православна црква повика денеска на екскомуникација на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и на 175 пратеници од грчкиот парламент кои гласаа за неодамна усвоениот закон за легализирање на истополовите бракови, пренесува „Гардијан“.

„Нашата православна црква е под опсада. Треба да се крене револуција против сите оние кои го разводнуваат Божјиот закон. Протагонистите на ова морално злосторство, премиерот на Грција и 175 пратеници во грчкиот парламент, треба да бидат екскомуницирани (изопштени)“, се наведува во отвореното писмо од владиката Амвросиј.

Црквата ги обвини пратениците дека ја направиле „најдлабоката духовна и морална грешка“ кога го поддржаа законот на 15 февруари, а епархијата на Крф објави дека двајцата пратеници од островот кои го поддржаа законот не можат да се сметаат себеси за членови на Црквата и им забрани учество во верските обреди.

„Бараме од нив да се покајат, во спротивно автоматски ќе бидат исклучени од христијанскиот обред на причестување и другите црковни обреди“, соопштија од епископијата.

Грција стана првата православна христијанска нација во светот која донесе закон со кој се дозволуваат истополови бракови, а самиот закон беше поддржан од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. Контроверзниот закон вклучува признавање на родителските права на геј паровите, иако не им е дозволено да добиваат деца преку сурогат-мајчинство.

И Мицотакис се соочи и со остри критики од Православната црква поради која го опишува законот како „чисто зло“, додека архиепископот Јеронимос, кој важи за умерен во црковната хиерархија, предложи гласањето да се стави на народен референдум.

Црквата смета дека законот ќе доведе до тоа истополовите парови да бараат и други права и ќе доведе до распаѓање на грчкото семејство и општество. Поради законот, Светиот синод на ГПЦ соопшти и дека богослужбата на 24 март, со која се одбележува Неделата на православието, нема да се служи во престолничката црква каде традиционално се слави, туку во помала црква, а претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, не е поканета на таа литургија.

Слични содржини