Грчките земјоделци попладнево со трактори ќе одржат протест во Атина

од Radmila Tasevska
178 прегледи

Со околу 100-150 трактори, грчките земјоделци попладнево ќе одржат протест во центарот на Атина пред Парламентот, за уште еднаш да ги повторат и истакнат нивните барања, иако премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис повторно посочи дека Владата нема што повеќе да им даде, јави дописничката на МИА од Атина.

Десетици трактори од различни делови на Грција вчера пристигнаа во месноста Кастро на околу 90 километри од Атина, од каде што утрово, сите заедно во конвој со полициска придружба ќе се упатат кон грчката метропола, а околу 5.000 земјоделци, според најавите се очекува да пристигнат со автомобили, автобуси и камиони.

Дел од земјоделците, особено оние од северниот дел на земјата, кои нема да бидат во Атина, не е исклучена можноста да постават блокади на граничните премини.

Протестот пред грчкиот Парламент е закажан за попладневните часови, а земјоделците ќе добијат поддршка од синдикатите, од разни здруженија, но и од студентите.

Паралелно грчката полиција соопшти дека во центарот на Атина, тракторите ќе се движат по однапред одредена рута за да стигнат до плоштадот Синтагма.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервју за телевизијата Стар синоќа објасни дека формално, според законот, тракторите не треба да сообраќаат, ниту по националните автопати, ниту во центрите на градовите, но изрази разбирање за земјоделците, за кои рече дека исто како и во другите европски метрополи, сакаат да одржат симболичен протест во центарот на Атина.

Дополнително, коментираше дека самиот протест може да биде и еден вид средство за притисок врз Европската Унија за земјоделската политика.

За мерките за земјоделците објасни дека Владата одговори позитивно на многу од барањата на земјоделците, „признавајќи дека се оправдани“, но повтори дека нема простор за дополнителни мерки.

– Немаме да им дадеме нешто повеќе. И мислам дека тоа го препознаваат и земјоделците и многу добро знаат дека Владата веќе веројатно ги надмина границите на нивните очекувања, особено во однос на струјата. Според тоа, мислам дека тоа ќе биде протест што, би рекол, ќе биде ескалација на активностите и верувам дека потоа работите ќе се вратат во својот ритам. Покрај тоа, започнува и сезоната на сеидба. Сакаме земјоделците да се вратат на нивите, сточарите да бидат со своите животни, истакна Мицотакис.

Земјоделци минатиот вторник се сретнаа со грчкиот премиер, кој им соопшти дополнителни мерки за поддршка, меѓутоа по средбата коментираа дека не биле исполнети сите нивни барања и донесоа одлука да одржат протест во Атина, а оние кои ќе останат на поставените блокади, ќе ги затворат граничните премини и пристаништата.

Земјоделци веќе речиси еден месец протестираат со поставени над 55 блокови низ целата земја, повремено блокираат патишта, автопати и гранични премини, како што е случај со премините Ники (Меџитлија) и Евзони (Богородица) кон Северна Македонија.

Слични содржини