Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, изјави дека истекува времето за постигнување договор за ограничување на иранската нуклеарна програма, која, според него, е блиску до достигнување нивоа за оружје доколку Техеран продолжи да збогатува ураниум.
Гроси изјави за Ројтерс на маргините на Минхенската безбедносна конференција дека сè уште не можел да одржи политички консултации со новата администрација на САД за Иран, но дека најверојатно ќе го одложи објавувањето на сеопфатен извештај за неговите активности до март.
„Мислам дека ни истекува времето, но тоа не значи дека не можеме да забрзаме. МААЕ е таму и ги има сите информации и елементи, но кога станува збор за политиката, тоа зависи од државите“, рече Гроси, пренесе „Танјуг“.