Група европски медиумски куќи со тужба бараат од Гугл 2,1 милијарда евра отштета за загуба на приходи

од Radmila Tasevska
219 прегледи

Група европски медиумски компании поднесоа тужба против Гугл (Google), барајќи отштета од 2,1 милијарди евра за изгубениот приход од дигитално рекламирање.

Групата вклучува 32 медиумски групи од Австрија, Белгија, Бугарија, Чешка, Данска, Финска, Унгарија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Полска, Шпанија и Шведска, меѓу кои и Аксел Спрингер и Штајрија Медиа Груп.

„Медиумските компании кои ја поднесоа тужбата претрпеа загуби поради ослабената пазарна конкуренција, што е директна последица на прекршувањето на прописите од страна на Гугл“, се наведува во соопштението на нивните правни застапници, адвокатските фирми „Герадин Партнерс и Стек“, што вчера бепе објавено.

„Доколку Гугл не ја злоупотребеше својата доминантна позиција, медиумските компании ќе генерираа значително поголеми приходи од реклами и ќе плаќаа помалку надоместоци за услугите за рекламна технологија. Клучот е дека овие пари можеа да се реинвестираат во зајакнувањето на европските медиуми“, нагласуваат адвокатите.

Тужителите објаснуваат дека се решиле на ваков чекор, поднесувајќи тужба во холандски суд затоа што Холандија се стекнала со репутација на клучна јурисдикција за барања отштета во Европа и затоа што сакаат да избегнат мултиплицирање на барањата во повеќе европски земји.

Портпаролката на Гугл во соопштението за медиумите нагласи дека тужбата ја сметаат за „шпекулативна и опортунистичка“.

„Гугл работи конструктивно со издавачите низ Европа… Нашите алатки за рекламирање се приспособени и развиени во партнерство со истите тие огласувачи“, додаде таа.

Издавачите ширум светот со години се жалат на доминацијата на големите технолошки компании во рекламирањето на сметка на нивните приходи. Според аналитичарите, Гугл е водечка платформа за дигитално рекламирање во светот, пренесуваат британскикте медиуми.

Слични содржини