Станува збор за експериментална алатка базирана на Гугл-овите Gemma модели за препознавање говор, која им овозможува на корисниците изговорениот текст да го претворат во уредени и „готови“ реченици. Откако моделите ќе се преземат на уредот, апликацијата може да работи локално, без испраќање податоци во облак.
За разлика од класичните апликации за диктирање, „Eloquent“ не го пренесува говорот дословно, туку автоматски ги отстранува поштепките како „хм“ или „ух“, како и ги коригира прекините и самокорекциите во речениците. Резултатот е текст кој е поблизок до пишаниот отколку до говорниот израз, пишува „TechCrunch“. Корисниците за време на диктирањето можат да го следат транскриптот во реално време, а по пауза апликацијата дополнително го „испеглува“ содржината. Достапни се и опции за прилагодување на текстот, како издвојување клучни точки или скратување и формализирање на содржината.
Апликацијата овозможува и целосно локален режим на работа, но достапна е и опција за користење обработка во облак, при што за доработка на текстот се користат Google-овите „Gemini“ модели. Таа исто така може да презема поими, имиња и стручни изрази од „Gmail“, а корисниците можат да додаваат и сопствени зборови.
„Eloquent“ ја памети историјата на диктирање и овозможува пребарување на претходни записи, со дополнителни статистики како брзина на говор и вкупен број изговорени зборови.
Со овој потег, Гугл влегува во сè поконкурентен сегмент на апликации за претворање говор во текст, каде веќе постојат решенија како „Wispr Flow“ и слични алатки. Популарноста на ваквите апликации расте со подобрувањето на моделите за вештачка интелигенција за препознавање говор.
Иако моментално е достапна само на iOS, од описот на апликацијата може да се заклучи дека се подготвува и верзија за Андроид. Таа, според најавите, би можела да овозможи користење на апликацијата како стандардна тастатура и пристап до диктирање во кое било поле за внес на текст.
Доколку се покаже успешна, оваа експериментална алатка би можела да стане основа за понапредни функции за диктирање во рамки на Андроид системот.