Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изјави дека една година по избувнувањето на пандемијата на коронавирусот, се покажа дека светот се соочува со пандемија на кршење на човековите права.
КОВИД-19 ги продлабочи постојните поделби, слабости и нееднаквости и отвори нови прашања, вклучително и прашања за човековите права, напиша Гутереш во авторски текст за лондонскиот „Гардијан“.
Оценувајќи дека коронавирусот се шири затоа што сиромаштијата, дискриминацијата и уништувањето на природната средина создадоа голема слабост во нашите општества, Гутереш истакна дека животот на стотици милиони семејства претрпеле големи промени поради изгубените работни места, зголемените долгови и големиот пад на приходите.
Особено погодени се работниците на првата линија на борбата против вирусот, лицата со попреченост, старите лица, жените и малцинствата, посочи Гутереш и додаде дека за неколку месеци, напредокот во областа на родовата еднаквост е вратен со децении наназад.
Генералниот секретар на ОН посочи дека најголемиот дел од товарот на домашните обврски го презедоа жените, а истовремено насилството врз жените се зголеми во сите форми, од злоупотреба преку Интернет до семејно насилство, трговија со луѓе, сексуална експлоатација и детски бракови.
Екстремната сиромаштија се зголемува за првпат во последните неколку децении, предупреди Гутереш.
Тој особено укажа на неуспехот да се обезбеди правичност во вакцинацијата против коронавирус.
Само 10 земји добија повеќе од 75 отсто од сите вакцини против КОВИД-19, а повеќе од 130 земји не добија ниту една доза од вакцината, нагласи Гутереш.
Тој повтори дека ефективниот одговор на пандемијата мора да се заснова на солидарност и соработка.