Гутереш: Температурата на водата во Пацификот се зголемува три пати побрзо отколку во другите делови на светот

од Milan1
18 прегледи

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш денеска изјави дека температурата на водата во Пацификот се зголемува три пати побрзо отколку во другите делови на светот и предупреди дека населението во тој дел од планетата е „особено изложено“ на влијанието на порастот на морското ниво.

Говорејќи пред новинарите во Тонга, каде што се одржува Форумот на Пацифичките Острови, Гутереш конкретно укажа на наодите кои покажуваат дека југозападниот дел на Пацификот е најтешко погоден од покачувањето на морското ниво, кое на некои места е двојно повеќе од глобалниот просек во последните 30 години, пренесува порталот „Еурактив“.

„Дојдов во Тонга за да испратам глобален СОС, во врска со подигнувањето на морското ниво – Спасете ги нашите мориња“, апелираше Гутереш преку неговиот профил на „X“.

Тој посочи дека зголемувањето на нивото на морето ја зголемува фреквенцијата, интензитетот и јачината на брановите на бурите што предизвикуваат поплави на бреговите на островските држави на Тихиот Океан и предвиде дека поплавите им се закануваат на крајбрежните заедници, го уништуваат рибарството, ги оштетуваат посевите и ги загадуваат изворите на вода за пиење, ставајќи ги сите островски земји во сериозна опасност во Тихиот Океан.

Извештајот објавен денеска од Светската метеоролошка организација покажува дека температурите на водата во југозападниот дел на Пацификот се зголемуваат до три пати побрзо од остатокот од светот.

„Островите на Тихиот Океан се особено изложени. Тоа е регион со просечна височина од само еден до два метри надморска височина. Половина од инфраструктурата е во радиус од 500 метри од морето“, рече Гутереш.

Без намалување на глобалните емисии на штетни гасови, пацифичките острови може да очекуваат дополнително зголемување на нивото на морето за 15 сантиметри до 2050 година и 30 дена крајбрежни поплави годишно, предупреди генералниот секретар на ОН.

Слични содржини