Поранешниот премиер на Косово и претседател на Алијансата за иднината на Косово (АБК), Рамуш Харадинај ја оцени согласноста за спроведување на договорот за документи, постигнат уште во 2011 година, како добар знак и како знак на свест дека договорите мора да се спроведуваат.
„Жално е што беше потребно да се чека толку многу и да се потроши толку многу труд и енергија за да се имплементира договорот што овозможува слободно движење на граѓаните на двете земји“, напиша Харадинај.
Тој оцени дека стратегијата на Србија е договорите да се одвиваат еден по еден, а со тоа да се добие време за усвојување на правно обврзувачки договор.
Според него, конечен договор може да се постигне само со директно учество на Соединетите Американски Држави.
„Државен, национален и граѓански интерес на Косово е конечен договор за признавање, кој може да се постигне само со директно вклучување на Соединетите Американски Држави, без чија помош не би ни започнала имплементацијата на договорот за документи за идентификација“, изјави Харадинај.
Тој оцени дека е време Србија да го признае Косово како држава.
„Поминаа 20 години од создавањето на нова реалност во Косово и повеќе од четиринаесет години од прогласувањето на Косово за суверена и независна држава. Сега е вистинско време дијалогот да премине на друго ниво и Србија да ја признае Република Косово“, заклучи Харадинај.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, во саботата објави дека Белград и Приштина постигнале договор за спорното прашање за личните документи.
Србија се согласи да го откаже издавањето на документи за влез за лицата кои имаат косовски лични документи, а Косово се согласи да не ги воведува за оние кои имаат српски лични карти, рече Борел.