Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет денеска ги бранеше американските напади врз иранските нуклеарни постројки за збогатување ураниум, тврдејќи дека претседателот Доналд Трамп ја „уништил и целосно елиминирал“ нуклеарната програма на Иран, и покрај првичните разузнавачки проценки дека нападите од минатата недела не успеале да ги уништат клучните постројки, кои би можеле да продолжат со работа за неколку месеци.
Хегсет, заедно со началникот на Здружениот генералштаб, генерал Ден Кејн, своите тврдења главно ги базираа на моделирање со вештачка интелигенција, прикажувајќи тест-видеа од бомбите „разбивачи на бункери“ користени во нападите. Тие ги препуштија прашањата за проценката на штетите на постројката Фордо на разузнавачката заедница.
Од брифинг-салата на Пентагон, Хегсет ја доведе во прашање првичната проценка на Агенцијата за одбранбено разузнавање, нарекувајќи ја „прелимнарна“ и истакнувајќи дека била „протечена со цел да се замати сликата и да се прикаже дека овој историски напад не бил успешен“.
Тој додаде дека нема сознанија за разузнавачки податоци кои укажуваат дека Иран го преместил својот високо збогатен ураниум.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека не може да се утврди каде се наоѓа иранскиот залиха од 400 килограми ураниум збогатен на 60 отсто.
– Немам информации за разузнавачки податоци што укажуваат дека работите не биле таму каде што требало да бидат, преместени или слично, изјави Хегсет.
Тој, исто така, ја критикуваше медиумската употреба на протечените информации, додека администрацијата на Трамп навести дека би можела да таргетира или дури да отпушти новинари кои ги објавиле резултатите од првичната проценка.
– Повторно и повторно, класифицирани информации се протекуваат за политички цели, за да се прикаже претседателот во лошо светло, а со тоа се поткопува успехот на нашите неверојатни пилоти, рече Хегсет.
Генералот Кејн изјави дека нападите биле успешни, бидејќи операцијата одговарала на моделот развиен од Пентагон, кој предвидувал уништување на постројката Фордо. Тој нагласи дека оружјата биле „изградени, тестирани и наполнети правилно“, „ослободени со точна брзина и параметри“, и дека „сите оружја биле насочени кон целите и предвидените точки, функционирајќи како што е дизајнирано, односно експлодирале“.
Според Кејн, проценката на штетите се базира на „опширно моделирање на експлозијата“, при што главниот механизам за уништување бил комбинација од прекумерен притисок и експлозија што ги уништила критичните делови во тунелите.
Изјавите на Хегсет и Кејн доаѓаат еден ден откако на Самитот на НАТО во Хаг Трамп се соочи со прашања за нападот, каде што ги нападна новинарите за објавување на првичната разузнавачка проценка, за која тври дека ги омаловажува пилотите на бомбардерите Б-2.
Според извештајот на Агенцијата за одбранбено разузнавање, нападот со 14 бомби „разбивачи на бункери“ (GBU-57) не ги уништил клучните компоненти на нуклеарните постројки и веројатно ја забавил иранската нуклеарна програма само за неколку месеци.