Хрватите очајни поради поскапувањето, еврото создаде хаос

од Nikola Popovski
221 прегледи

Хрватската влада го оправда воведувањето на еврото со тоа што трговците ја искористиле ситуацијата за незаконски да ги зголемат цените, додека трговците велат дека тоа не зависи од нив. При овие расправии најмногу трпат граѓаните кои се жалат на поскапувањето на кафето, горивото и паркирањето низ градовите.

Од 2-ри јануари Хрватите на социјалните мрежи почнаа да споделуваат бројни примери за поскапување по воведувањето на еврото. Списокот вклучува продавници за храна и облека, услуги како фризерски салони и наплатата на паркингот.

Заедничка точка на сите поплаки е заокружувањето на цените на точен број евра. На пример, ако нешто чини 13 куни, продавачите сега ја заокружуваат таа бројка на две евра.

За да ги споделат своите искуства, хрватските граѓани формирале групи на социјалните мрежи во кои пишуваат за поскапувањата со кои се соочиле.

– Машка фризура кај локален фризер 60 куни. Бев пред неколку дена. Вели, ќе заокружам до 10 евра за да ви олеснам и вас и нам – објавил еден хрватски граѓанин.

Дополнително, имало и поскапување на горивата. Така сега бензинот 95 чини 1,33 евра за литар, а дизелот 1,47 евра. Сепак, според претседателката на Здружението за заштита на потрошувачите, Ана Кнежевиќ, граѓаните се жалат на поскапувањето на кафето.

-Имаме информации од терен, луѓето се јавуваат и се жалат. Највисоките поскапувања се однесуваат на кафето, кое обично поскапува. Добивме дојава дека на едно место кафето е поскапо за две куни поради ваквото заокружување на цените – изјавила Кнежевиќ за хрватскиот портал Индекс.

Како што истакнала таа, истото им се случило и на другите земји кога влегле во еврозоната, како Словенија.

– Ова се случи во сите земји кои влегоа во еврозоната, го видовме на примерот на Словенија, Австрија, Италија… Предупредивме дека Хрватска нема да биде исклучок. А во споменатите земји најлошо беше со цените на кафето. Кај нас сега гледаме поскапувања и во пекарниците, таму добиваме пријави – објаснила претседателката на Здружението за заштита на потрошувачите.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ вчера попладне свикал состанок со надлежните министри и инспекциските органи.

Како што наведе премиерот во пораката објавена на Твитер, свикал состанок со надлежните министри и претставници на Даночната управа, Царинската управа и Државниот инспекторат во врска со понатамошните активности за заштита на потрошувачите од неоправдано поскапување.

– Воведувањето на еврото не е причина за зголемување на цените на стоките и услугите – рекол Пленковиќ.

Истото го истакнал и хрватскиот министер за економија Давор Филиповиќ.

– Разговаравме со претставници на малопродажните синџири за постојаното зголемување на цените на храната и пијалоците и за претворање на куната во евро. Имено, инфлацијата е 13,5 отсто. Кога ќе се погледне таа структура, на неа најмногу влијае зголемувањето на цените поврзани со храната и безалкохолните пијалоци – вели тој.

И министерот за економија посочил дека малопродажните синџири со месеци ги покачуваат цените. Ова, посочува, особено беше нагласено по воведувањето на еврото и претставува обид за „измамување“ на граѓаните.

– Им кажав денеска, а на сите што сакаат да ја користат конверзијата на сметка на граѓаните им порачувам, нема да им успее – рекол Филиповиќ.

Слични содржини