Илон Маск гради фабрика за чипови за апликации во вселената

Проектот, наречен „Терафаб“, го најави на својата платформа „X“

од Кристијан Димков
9 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/The Launch Pad

Американскиот претприемач и милијардер Илон Маск најави изградба на две специјализирани фабрики за чипови во Остин (Тексас) под името „Терафаб“ – за возила, хуманоидни роботи и апликации со вештачка интелигенција во вселената.

Проектот, наречен „Терафаб“, го најави на својата платформа „X“.

Постројките се наменети за производство на полупроводници за автомобили и хуманоидни роботи. Една фабрика ќе произведува чипови, додека другата е предвидена за дата-центри со вештачка интелигенција во вселената.

„Терафаб технички ќе се состои од две фабрики, од кои секоја ќе произведува само еден дизајн на чип“, напиша Маск.

Тој во саботата ги претстави плановите и нагласи дека сегашното глобално производство на чипови може да покрие само мал дел од идните потреби на неговите компании. Маск претходно изјави дека на „Тесла“ ѝ е потребна сопствена фабрика за чипови, но учеството на „СпејсИкс“ досега не беше познато.

Тој објасни дека новите чипови за вселената ќе мора да бидат дизајнирани за поекстремни услови и повисоки температури.