Индија и Пакистан се обвинија меѓусебно денеска дека не го контролираат своето нуклеарно оружје и ја повикаа меѓународната заедница да го истражи и следи нуклеарниот арсенал на соседната земја, неколку дена по најсериозниот воен конфликт меѓу двете земји во последните децении околу Кашмир.
– Нуклеарниот арсенал на Пакистан треба да биде ставен под надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), изјави индискиот министер за одбрана Раџнат Синг за време на посетата на војниците во индиски Кашмир. „Сакам да му поставам прашање на целиот свет. Дали нуклеарното оружје е безбедно кога е во рацете на неконтролирана и неодговорна нација“, рече тој.
Пакистан ја осуди неговата изјава, додавајќи дека МААЕ и меѓународната заедница треба да бидат загрижени за повторените кражби и инциденти поврзани со шверц на нуклеарен и радиоактивен материјал во Индија.
Министерството за надворешни работи во Исламабад потсети на инциденти за кои рече дека се случиле во 2021 година, „што укажува на постоење на црн пазар за чувствителни материјали со двојна намена во Индија“. Повика на „темелна истрага“ за проблемот. Индија сè уште не коментираше за тоа.