„За три години го сменивме реномето на Ѓорче Петров во отворена и посветена општина, каде парите на граѓаните одат токму за нив и нивните потреби“, вели градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски, во своето интервју за „Локално“.
Наумоски вели дека во изминатите 3 години, општината успеала да асфалтира близу 40 км, но дека не е се завршено и работа во подобрување на инсфраструктурата има уште. И иако свесен дека за една година не може да биде комплетирано се, вели дека општината е на добар пат да ја подобри целокупната слика преку инфстрактурурата.
Денес пракса стана да се критикува се што се прави. Да се организираат партиски протести под плаштот на граѓански, да се оцрнува нашиот труд и работа а со тоа да се прикрива валканата политика од минатото, смета Наумоски коментирајќи го спорниот ДУП во населбата Хром.
За да имаме чиста и здрава животна средина, вели Наумоски, сите треба да се грижиме подеднакво за природата како за својот дом. Во контекст на ова сакаше да ја демантира информацијата дека општината е преплавена со депонии и е една од најазагадените скопски општини, особено последните 2 години.
Што се однесува до Ковид кризата, според Наумоски, оваа генерација градоначалици имаа предизвик пред себе, кој значеше занемарување на одредени планови, ставајќи го пред се здравјето на граѓаните и грижата и безбедноста од Ковид пандемијата.
„Политиката не е само игра на зборови и ветувања, политиката пред се значи одговорност, пожртвуваност и труд. Еден мандат е краток период да се реализра се што е зацртано, но и во овие три години разликата е очигледна “, посочи Наумоски, одговарајќи на прашањето дали е подготвен да трча втора градоначалничка трка во општината Ѓорче Петров.
Во која состојба наидовте кога ја преземавте функцијата, градоначалник на општината Ѓорче Петров?
-На заборавена општина, со долгови и кредити. Без проекти, без идеи и планови за иднина. Локална самоуправа која 12 години била третирана како приватна фирма од која интерес имале неколкумина. За три години го сменивме реномето на Ѓорче Петров во отворена и посветена општина, каде парите на граѓаните одат токму за нив и нивните потреби. За кус период застанавме на здрави нозе, се екиправме и тимски работиме, а Ѓорче Петров добива примат на урбана скопска општина.
Во рамки на асфалтирањето, кое беше проблем во областа на Волково и Стопански двор, дали успеавте да ги асфалтирате сите улици и дали тоа ќе се заокружи со последниот период од вашиот мандат?
-Ново Село, Кисела Јабука, Волково-Пржина, Кучково, Орман, Никиштани, урбаните заедници Мирче Ацев, Ѓорче Петров, Даме Груев , Дексион, Хром и тука состојбата со улиците беше далеку од розова. За три години асфалтиравме близу 40 километри, но не е завршено. Работа има уште. Но има и проекти и буџетски план за реализација и подобрување на инфраструктурата подеднакво во сите населени места. Ќе признаам, за една година не може да се заврши се, но на добар пат сме и ја поправаме инфраструктурната слика во општината.
Некаде кон средина на изминатата година, беше донесувањето на ДУП-от за Хром, прашање кое побуди и незадоволство кај одредена група граѓани, што придонесе и за собирање потписи за поднесување иницијатива пред Уставниот суд од нивна страна за побивање на планот. Зошто е тоа незадоволство?
-Денес пракса стана да се критикува се што се прави. Да се организираат партиски протести под плаштот на граѓански, да се оцрнува нашиот труд и работа а со тоа да се прикрива валканата политика од минатото. Хром беше синомин за нехунамо живеење. Секоја куќа беше потенцијална зграда.
Хром е првиот план кој го донесе оваа администарција, во транспарентна и отворена постапка. Спорведени беа две јавни анкети, на кои што планот беше ставен на увид на јавноста, каде граѓаните на непосреден начин имаа можност да даваат мислења и предолзи. Со планот планирани се вкупно 14409m² површини под јавно уредено зеленило, планирана е парцела со која што ќе се овозможи доградба на постојната градинката Росица, како и градежна парцела за проширување на постојното ООУ „Димитар Поп Георгиев – Беровски“.
ДУП-от предвидува и и можност за проширување на постојното СОУГС „Кочо Рацин“ а со него утврдена е и засебна градежна парцеласо намена Д3 – Спорт и рекреација, со која е предвидена и можност за проширување на постојната спортска сала „Партизан“.
Со донесување на ДУП за градска четврт СЗ 20,се овозможи плански развој со дефинирање на зони на домување во станбени згради и зони за домување во станбени куќи водејќи сметка за веќе постојните изведени станбени згради
Новиот Деталниот урбанистички план во Хром е донесен согласно сите законски процедури и е усогласен со Генералениот урбанистички план на Град Скопје.
Дека нема ништо спорно во постапката и процедурата на носење на ДУП-от во Хром потврди и Уставниот суд, отфрлајќи ја иницијативата за неуставност потпишана пред се од граѓани кои не се жители на Хром, туку партиски војници на локалниот комитет на ДПМНЕ во Ѓорче Петров.
Што се однесува до депониите во општината, дали размислувате за дислокација или пак, некое друго соодветно решение, со оглед на тоа дека изминатата година, па и оваа сте една од општините со највсиок степен на загаденот и присутни ПМ10 честички во воздухот?
-Статистиките го побиваат вашето тврдење дека Ѓорче Петров е една од најзагадените општини. Напротив, географски општината е лоцирана помеѓу Вардар и Лепенец и е прва на ,,удар” од така нараченото специфично движење на воздухот или ,,ружа на ветрот”.
Во соработка со Град Скопје за само 1 месец ја елиминиравме 11 хектарската депонија во Ново Село која се создаваше една деценија. Интензивно работиме на спречување формирање на помали диви депонии, а се надевам и дека заедничката инспекциска служба на 10-те скопски општини раководена од Град Скопје ќе ги даде посакуваните резултати во оджување на комуналниот ред и заштита на животната средина.
Но ниту една мерка и санкција не може да даде резултат ако не тргнеме сами од себе. За да имаме чиста и здрава животна средина сите треба да се грижиме подеднакво за природата како за својот дом.
Како општина Ѓорче Петров се носи со Ковид кризата. Според вашите стаитстики, дали првиот бран или овој вториот се полоши по граѓаните во општината и што преземате за заштита и безбедност на граѓаните од овој вирус?
Менаџирањето во време на пандемија беше и сеуште е испит за политиката и економијата на светско ниво. Оваа генерација на градоначалници, половина мандат го поминува во справување со Ковид 19, паралелно спроведувајќи мерки за превенција и заштита незанемарувајќи ги инфраструктурните работи.
Полоша или подобра страна на вирусот нема. Од март работиме и во континуитет се грижиме пред се да превенираме во ширење на вирусот. Работиме и делуваме според сите препораки согласно нашите надлежности. Направено е се, наше е само да се чуваме, да носиме заштитна маска, да држиме растојание. Се надевема дека ова ново секојдневие ќе успееме да го пребродиме со масовната имунизација во 2021 година.
Дали општината го донесе финансискиот план предвиден за 2021. година, и кои се проектите опфатени во истиот?
-За Буџетот за 2021 година ќе расправаат советниците на седница закажана за 28 декември. Буџетот за 2021 пред се има развојна компонента: продолжување на капиталните проекти како финиширање на градинката во Волково, базенот во ООУ Димитар Беровски, доградба на три занимални во градинката Детелинка, финиширање на Корзото, доградба на подрачното училиште во Хром, надградба на ООУ Тихомир Милошевски во Ново Село, завршување на водоводната и фекалната мрежа во руралниот дел, асфалтирање на улици, инвестиции во образованието, спортот, културата, социјалата, детската заштита, заштита на животната средина.
База за креирање на Програмата за комунални дејности и инфраструктура се токму барањата на жителите на Ѓорче Петров, добиени преку теренска анкета и онлајн прашалник.
Се надевам дека советниците едногласно ќе го усвојат Буџетот за 2021 година, затоа што тој е креиран врз основа на потребите на граѓаните.
Со оглед на последниот период од мандатот и предвидените локални избори до година, дали планирате да влезете во трка за втор мандат во општина Ѓорче Петров?
-Пред нас е изборна година, но пред мене е последната година од мојот мандат во која со Советот треба да сработиме уште за граѓаните. Политиката не е само игра на зборови и ветувања, политиката пред се значи одговорност, пожртвуваност и труд. Еден мандат е краток период да се реализра се што е зацртано, но и во овие три години разликата е очигледна. Во Ѓорче Петров се гради и работи, а тоа најдобро може да го кажат граѓаните. Судот е и нивен.
А.В.