Интервју со Станковски: Недостатокот на активна стратегија за управување со високообразовани кадри игра значајна улога во одливот на мозоци

од Илинка Илиоска
106 прегледи

Македонија се наоѓа на високото петто место од 41 европска земја на Индексот на одлив на мозоци на „Global Economy“, што јасно покажува дека државата се соочува со голем губиток на таленти. Според проценките на Светската банка, речиси 40% од високообразовниот кадар ја има напуштено државата, додека извештајот на ИОМ за 2020 година го рангира нашиот регион во топ 50 земји со најголема емиграција.

На оваа тема, разговараме со Илија Станковски, програмски директор во граѓанската организација LEAD. Тој за „Локално“ даде подлабок увид во предизвиците со кои се соочуваме и мерките кои можат да се преземат за да се задржат талентите во земјава.

Според извештајот на ДЗР,  Македонија е на петто место во Европа по одлив на мозоци. Кои се главните причини за овој тренд?

Македонија се соочува со сериозен одлив на мозоци, што го потврдува и извештајот на ДЗР. Главните причини за овој тренд, согласно истражувањата, се од економска природа, односно за да најдат подобра работа. Истражувањето на „Наванти груп“, вели дека 74% од младите си заминале за да најдат подобра работа во странство. Не причините не се исклучиво од економска природа. Квалитетот на животот за младите е уште една значајна причина за нивно заминување. Ду­ри 36% си за­ми­ну­ва­ат во по­тра­га по по­до­бар жи­вот: жи­во­тен стан­дард, жи­вот­на сре­ди­на, по­ли­тич­ка со­стој­ба, со­ци­јал­на и здрав­стве­на за­шти­та и слич­но.

Колку е важно за една држава да ги задржи своите високообразовани кадри и кои се долгорочните последици од нивното заминување?

Задржувањето на високообразованите кадри е од исклучителна важност за секоја држава, бидејќи тие се клучни за економскиот развој, иновации и општествениот напредок. Нивното заминување води до долгорочни последици како економска стагнација, намалување на квалитетот на образованието и здравството, и губење на конкурентноста на глобалниот пазар. Без овие кадри, земјата ризикува да остане назад во научните и технолошките достигнувања, што дополнително ќе ја ослабне нејзината економија и социјална стабилност. Дополнително, заминувањето на високообразовните кадри има и конкретна економска последица. Според истражувањата државата на годишно ниво губи 15.848 ЕУР од еден отселен човек или на годишно ниво би било околу 300 милиони евра од бруто домашниот производ.

Како Македонија може да ја намали емиграцијата на високообразовани и стручни кадри? Кои мерки би биле најефективни?

Предизвикот е навистина комплексен и повеќедимензионален. Оттука, за негово надминување е потребно стратешки пристап кој ќе ги таргетира корените на овој проблем и голема меѓуинституционална соработка. Земајќи предвид дека причините се во голема мера познати, особено за институциите и другите политички фактори, ваквиот стратешки пристап треба да ги таргетира економските причини, но и останатите неекономски фактори. Политиките и мерките би требало да го опфатат образовниот систем, системот на социјална заштита на младите, пазарот на трудот, младинскиот стандард, но и заштитата на животната средина, здравствениот систем, вклучувајќи и унапредување на системтие за грижа за менталното здравје на младите и слично.

Што покажуваат вашите податоци за бројот на високообразовани лица кои ја напуштиле Македонија во последните години?

Во моментов недостасуваат ажурирани податоци за точната бројка на високообразовани млади кои ја напуштиле земјата. Од статистиките кои постојат, според извештајот на Меѓународната организација за миграција за 2020 година, Македонија е во првите 20 земји во светот со најмасовно иселување во странство, додека според проценките на Светска банка, речиси 40% од лицата со високото образование ја напуштиле државата.

Дали постојат конкретни примери на државни политики или програми кои успеале да ги задржат високообразованите кадри во земјата? Ако да, кои се тие?

Постојат неколку успешни примери на државни политики и програми кои успеале да ги задржат високообразованите кадри во различни земји. На пример, Естонија ја воведе програмата e-Residency и создаде технолошки паркови, како Технолошкиот парк Тарту, кои обезбедуваат инкубациски и акцелерациски програми за стартапи. Словенија има иницијативи како Startup Slovenia и Националната агенција за истражување и развој кои нудат финансиска и менторска поддршка за новоосновани компании и истражувачки проекти. Јужна Кореја спроведува програми како Korean Brain Return Program, кои ги враќаат корејските научници од странство преку конкурентни плати и грантови за истражување. Финска преку агенцијата Tekes обезбедува финансирање и поддршка за истражувачки и развојни проекти, додека Германија користи Blue Card EU за привлекување високообразовани професионалци и обезбедува значителни средства за истражување. Канада има програми како Global Skills Strategy и Canada Excellence Research Chairs (CERC) кои го забрзуваат процесот на издавање работни дозволи и обезбедуваат значителни средства за истражување на водечки научници и инженери. Македонија може да учи од овие примери и да имплементира слични мерки прилагодени на своите специфични потреби.

Дополнително, постојат и примери за неекономски мерки и политики за задржување на високообразовните кадри. Финска, на пример, промовира флексибилни работни распореди и поддршка за семејства, овозможувајќи подобар баланс меѓу работата и приватниот живот. Канада има силни политики за инклузивност и мултикултурализам, како и програми за интеграција на нови жители. Германија се фокусира на соработка меѓу универзитетите и индустријата, нудејќи истражувачки и образовни можности. Холандија обезбедува висок квалитет на живот со одлична урбана инфраструктура и еколошки политики. Овие мерки создаваат атрактивна средина за високообразованите кадри, овозможувајќи им не само финансиска, туку и социјална и културна стабилност. Македонија може да се инспирира од овие примери и да развие слични политики за задржување на своите талентирани професионалци. Сепак, за да размислуваме на ваков вид на мерки и политики, мораме најрпво да ја зацврстиме основата, а тука спаѓаат образовниот систем, здравствениот систем, животната средина, човековите права и социјалната заштита.

Каква улога игра недостатокот на активна стратегија за управување со високообразовни кадри во одливот на мозоци?

Недостатокот на активна стратегија за управување со високообразовани кадри игра значајна улога во одливот на мозоци. Без јасна визија и план за задржување и искористување на овие кадри, државата не успева да ги задржи и мотивира високообразованите луѓе да останат и да придонесуваат во својата земја. Без ваква стратегија, сите ад-хок мерки ќе даваат само краткорочни резултати кои нема да придонесат кон значајна промена. Ова ќе резултира со дополнително губење на високообразовани млади кои се од клучна важност за економскиот и општествениот развој.

Како ги оценувате владините мерки за спречување на одливот на високообразовани кадри? Кои аспекти треба да се подобрат?

Владините мерки за спречување на одливот на високообразовани кадри досега не успеале значително да го намалат овој тренд. Во голеа мера тоа е поради недостатокот на стратешки пристап кон прашањето и институционална соработка. Дополнително, потребни се подобрувања во транспарентноста на процесите и зголемување на финансирањето на истите. Од особена важност исто така е да се работи на создавање на стабилна политичка и економска средина која ќе им овозможи на високообразованите луѓе да се чувствуваат сигурно и мотивирано да останат во земјата.

Кои се главните предизвици со кои се соочува Македонија во креирањето и имплементацијата на стратегиски документи за спречување на одливот на мозоци?

Главните предизвици со кои се соочува Македонија вклучуваат недостаток на политичка волја, недоволно финансирање, корупција, недостаток на координација меѓу различни институции, но и недостаток на соработка помеѓу институциите и граѓанскиот сектор. Дополнително, постои недостаток на долгорочна визија за справување со оваа состојба, што ја отежнува имплементацијата на ефективни мерки и програми.

Што треба да направи Македонија за да креира поатрактивна средина за своите високообразовани кадри и да ги задржи во земјата?

За да креира поатрактивна средина и да ги задржи високообразованите кадри, Македонија треба да преземе сеопфатен пристап кој вклучува економски, образовни, социјални и политички мерки. Ова значи зголемување на платите и подобрување на работните услови, воведување финансиски стимули и инвестирање во истражување и развој. Континуираната професионална обука и партнерствата меѓу универзитетите и индустријата се исто така клучни, како и програмите за враќање на високообразовани млади од дијаспората. Потребно е да се подобри квалитетот на живот, како и да се создаде средина која се базира на инклузија, почитување на различностите и прифаќање. Политичките и правните реформи, вклучувајќи борба против корупцијата и зголемување на учеството на младите во одлучувањето, ќе ја зголемат стабилноста и транспарентноста. Дополнително, поддршката за стартапи и иновации преку технолошки инкубатори и акцелератори ќе поттикне претприемништвото и ќе создаде нови можности за професионален развој. Со овие мерки, нашата земја може да стане поатрактивна за високообразованите кадри и да ги задржи младите во земјата.

И.И.

Слични содржини