Иран ја предупредил Бугарија

Министерството за надворешни работи на Бугарија потврди дека Иран минатиот месец ја предупредил Бугарија, членка на НАТО, да не им дозволи на САД користење на своите аеродроми за авиони што учествуваат во воени операции против Иран

од Кристијан Димков
12 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/WSJ

Информацијата излезе во јавноста откако Станислав Балабанов, пратеник од партијата „Има таков народ“, објави нота датирана од 18 март. Во неа иранската влада протестира поради американски воени танкер-авиони стационирани на бугарскиот аеродром „Васил Левски“.

Во нотата Иран наведува дека „го задржува правото да преземе сите неопходни мерки за заштита на својот суверенитет, безбедност и национални интереси во согласност со меѓународното право“.

Автентичноста на нотата подоцна ја потврди заменик-министерот за надворешни работи Марин Равков. „Бугарија не е во војна“, изјави тој за новинарите. „Ниту еден борбен авион не ја користи Бугарија за учество во воени операции“, додаде тој. „Со Иран одржуваме нормални дипломатски односи.“

Европа, по недели колебање и дипломатски пораки, почна конкретно да се спротивставува на политиката на Доналд Трамп во војната против Иран. Најновите потези на клучните држави покажуваат јасен пресврт: Шпанија го затвори својот воздушен простор за американски авиони вклучени во операциите, додека Италија одби да дозволи слетување на стратешки бомбардери.

Полска, пак, го одби барањето на САД да испрати системи „Патриот“ на Блискиот Исток, додека Франција одби да дозволи американски и сојузнички авиони што пренесуваат воена опрема за Израел да прелетаат над нејзината територија.

Овие потези доаѓаат во момент кога војната во Иран влегува во вториот месец, со растечки број жртви и сè поагресивна реторика од Вашингтон. Трамп истовремено зборува за можни преговори, но и се заканува со нови напади и преземање на иранските нафтени ресурси.

За разлика од претходните кризи, европските земји сега првпат отворено блокираат конкретни воени потези на САД, повикувајќи се на меѓународното право и стравот од поширока дестабилизација. Со тоа сè појасно се наѕира длабок раскол меѓу Вашингтон и дел од Европа – и порака дека овојпат нема само да ја следат американската линија.

Да потсетиме, Трамп изјави дека сериозно размислува за повлекување на САД од НАТО, повторно доведувајќи го во прашање значењето на сојузот. „НАТО денес е непрепознатлив“, рече тој во интервју за британски „Телеграф“.

Тој додаде дека никогаш немал доверба во сојузот. „Никогаш НАТО не ме убеди. Отсекогаш знаев дека се тигар од хартија, а тоа го знае и Владимир Путин“, изјави тој.

Во последните недели Трамп остро ги критикува сојузниците бидејќи не учествуваат во повторното отворање на Ормускиот теснец, кој Иран практично го затвори за време на војната на Блискиот Исток.

„Не само што не беа таму, туку тоа беше тешко и да се поверува. Не ни инсистирав премногу. Само реков: ‘Еј’. Мислам дека тоа треба да биде автоматски“, изјави тој.

Тој истакна и дека САД им помагале на други држави, вклучително и Украина, иако, како што вели, „тоа не беше наш проблем“. Во интервјуто се осврна и на Обединетото Кралство: „Вие воопшто немате морнарица. Премногу сте стари и имавте носачи на авиони кои не функционираа“, изјави Трамп.