Иран ја предупредил Русија за можноста од голема „терористичка операција“ на нејзино тло пред минатомесечниот масакр во концертна сала во близина на Москва, објави новинската агенција Ројтерс, повикувајќи се на три извори.
Во најсмртоносниот напад во Русија во последните 20 години, група вооружени лица отворија оган со автоматско оружје врз присутните на концертот во салата Крокус на 22 март, при што загинаа најмалку 144 луѓе.
Одговорноста за нападот ја презеде Исламската држава Хорасан (ИСИС-К), која е означена како терористичка организација.
„Денови пред нападите во Русија, Техеран сподели со Москва информации за можен голем терористички напад во Русија, до кои што дошле за време на испрашувањето на уапсените во врска со смртоносните бомбашки напади во Иран“, рече еден од изворите.
Иранското Министерство за разузнавање во јануари објави дека уапсило 35 лица во врска со двојните бомбашки напади на 3 јануари во југоисточниот град Керман, во кои загинаа речиси 100 луѓе.