Иран: Нема да се откажеме од програмата за збогатување ураниум

од Milan1
12 прегледи

Иранскиот заменик министер за надворешни работи Маџид Тахтраванчи изјави дека нуклеарните преговори меѓу Иран и САД „нема да доведат никаде“ доколку Вашингтон инсистира Техеран да ја намали активноста за збогатување ураниум на нула, објавија денеска иранските државни медиуми.

„Нашиот став за збогатување (ураниум) е јасен и постојано сме изјавиле дека тоа е национално достигнување од кое нема да се откажеме“, рече Тахтраванчи, пренесе Ројтерс.

Иранскиот претседател Масуд Пезшискијан вчера изјави дека Иран ќе ги продолжи преговорите со САД за својата нуклеарна програма, но дека нема да се откаже од своите права поради заканите на Вашингтон.

Преговорите меѓу САД и Иран, кои досега опфатија неколку средби во Мускат и Рим, достигнаа „експертско“ ниво, што значи дека страните се обидуваат да постигнат договор за деталите за можниот договор.

Американскиот специјален пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, вчера го повтори ставот на Вашингтон дека секој нов договор меѓу САД и Иран мора да вклучува договор за не збогатување ураниум, можен пат за развој на нуклеарни бомби.

За време на неговата посета на регионот на Персискиот залив минатата недела, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека договорот е многу блиску, но дека Иран мора брзо да дејствува.

Слични содржини