Во текот на мај, терористичките ќелии на Исламската држава (ИСИС) ја зголемија својата активност во Сирија, покажуваат податоците од дневната анализа на Американскиот институт за проучување на војната. Според извештајот, борци на ИСИС успеале да се инфилтрираат дури и во редовите на Министерството за одбрана на т.н. преодна влада на ал-Шарија, од каде продолжуваат да регрутираат нови членови и да подготвуваат идни операции.
Портпаролот на сириското Министерство за внатрешни работи, Нуредин ал-Баба, потврди дека исламистичките групи се обидуваат да дојдат до оружје од времето на поранешниот режим на Башар ал-Асад. Овој тренд, според него, сериозно го загрозува безбедносниот напредок постигнат во последните месеци.
Преодната влада на ал-Шарија (поранешна ал-Голани), која дојде на власт со цел да ја стабилизира ситуацијата и да се справи со остатоците од терористички групи, веќе изврши неколку воени акции. Во првите месеци од владеењето, тие презедоа три големи операции против ИСИС во провинциите Алепо, Риф Димашки и Деир ез-Зор. Во тие акции беа запленети големи количини муниција, експлозивни направи, рачни системи за противвоздушна одбрана (MANPADS) и детонациски елеци.
Сепак, последната рација откри дека ИСИС и понатаму успева да ја обнови својата воена опрема – дури и во делови од земјата што официјално се под контрола на преодната влада. Дополнително, џихадистите во последните недели извршија серија координирани напади со импровизирани експлозиви во долината на Средниот Еуфрат, што укажува на добро организирана логистика и функционална мрежа.
Анализата предупредува дека терористичките ќелии сè повеќе се активираат во руралните средини и предградијата на големите градови. Регрутирањето нови борци, според Институтот, е олеснето поради разочараноста на дел од населението од новата власт, особено кај оние кои очекуваа поцврста рака и поригорозни мерки.
Дополнителен ризик претставува и договорот меѓу преодната влада и курдските сили за враќање на внатрешно раселените лица – луѓе кои беа принудени да ги напуштат своите домови, но останаа во земјата. Слична мерка во Ирак, во 2021 година, доведе до нагло зголемување на терористичките закани. Во Сирија, овој процес се одвива паралелно со транзицијата на власта, што, според Институтот, создава „слепи точки“ во општеството и опасност од пропуштање важни сигнали за радикализација.
На геополитички план, регионот се соочува со нова нестабилност. Израел, непосреден сосед на Сирија, ја преиспитува својата улога на Блискиот Исток и сè посериозно ја разгледува можноста за директен конфликт со Иран. Доколку дојде до таква ескалација, вниманието на преодната влада би било насочено кон пошироки безбедносни прашања, што може да отвори простор за повторен раст на екстремизмот.
Сите овие фактори укажуваат дека, и покрај промените во власта, ИСИС останува сериозна закана за стабилноста на Сирија и поширокиот регион.