Реформата на најкомплицираниот дел од општеството за реформирање – јавната администрација напредува, иако не со посакуваната брзина и сегментирано. Најголем напредок е забележан во процесот на дигитализацијата, а најбавно се спроведуваат функционалните анализи, се наведува во денеска објавеното истражување на невладината организација „Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис“ од Скопје.
Како што се наведува во соопштението од Метаморфозис, основните наоди од истржувањето се дека треба да се забрза процесот на функционалните анализи на институциите, делот кој оди најбавно во реформите. Воедно, потребно е, се посочува, ново ревидирање на законите поврзани со јавната адмиистрација, како предуслов да се исчистат слабите точки, иако тоа е еднаш веќе направено со двата основни закони. Ова, заедно со политичката волја, се најважните елементи за постигнување на мерит системот, односно функционална јавна администрација и јавен сектор генерално, во кој вработувањата и напредувањата би биле засновани на систем на вредности и заслуги.
Во истражувањето насловено „Мерит системот и натаму проблем, дигитализацијата на услугите напредува“, се наведува дека една од предностите и постигнувањата во реформите во оваа област се транспарентноста и отчетноста, кои и натаму се потврдуваат и унапредуваат. Сепак, таа е највидлива во високите врвови на власта – централната влада и министерствата, а како се оди подолу по вертикалата кон локалната власт, проблемот е се уште присутен, исто како што е се уште присутен и во правосудството.
-Локалната власт е се уште неефикасна во однос на бројот на потребните вработувања и во однос на финансиската дисциплина. По функционалните анализи треба да се размисли за начинот за поголем извор на приходи и за поразличен, сегментиран систем на субвенции од централната власт, како и за зајакнување на финансиската дисциплина на локалната власт. За дигитализацијата и е-услугите во локалната власт, клучната помош треба да дојде од централно ниво, наведуваат од Метаморфозис.
Ова е второ по ред истражување за текот на реформите во јавната администрација, а беше спроведено во јануари 2020 во рамки на регионалниот проект „Западен Балкан и процесот на пристапување во ЕУ: Примена на политичките критериуми“, што го води Центарот за демократска транзиција од Подгорица, Црна Гора. Проектот е подржан од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград и од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД. Ова најново издание на Фондацијата Метаморфозис е објавено на македонски и на англиски јазик и е достапно на нејзината веб страница (линк).