Многу конфузии во толкувањата на деновиве актуелната медиумска тема во врска со проширувањата и нужната и одамна најавувана ЕУ реформа а, кажано во една реченица, сублиматот би бил многу едноставен зашто сé се сведува на фактот дека ЕУ, секако под силното влијание и на САД, прво, останува отворена за прием на нови членки но, второ, во истовреме е соочена и со потребата од сопствена радикална организациска реформа чии контури упатуваат на фактот дека на најмоќните ЕУ членки, на оние кои доминантно го полнат европскиот буџет, веќе им пука филмот и дека повеќе нема да толерираат помалку моќните да се мангупираат со разно разни хирови злупотребувајќи го принципот на консезус.
И ете, и поради тие причини, првичните ЕУ реформски сигнали се во насока на неколку, како што ги именуваше и самиот Макрон, „брзини” кои неминовно би биле детерминирани од БДП на секоја земја членка па реално е да се очекува дека во првата „брзина” ќе се вкотват економски најмоќните, оние држави кои и сега се ЕУ локомотивата и дека натаму, по нив, како вагони ќе се редат сегашните и потенцијалните ЕУ членки според нивните актуелни финансиски можности и со редуцирано или воопшто без право на глас каде што, во оваа наша развојна епоха, би биле и ние и нам сличната европска економска и демократска боранија на која, природно, ќе ни биде и ќе им биде елиминирана можноста за уцени со сегашната ЕУ алатка именувана како „консензус“.
Па, оттука, контурите на новата ЕУ уште отсега се сосема јасно нацртани во навестената ЕУ реформа со спомнатите прва, втора, трета брзина или, преведено, во новата ЕУ секоја земја членка ќе има моќ на одлучување толку колку што и‘ дозволува столчето кое, според сопствените демократски капацитети и согласно својата економска моќ, си го заработила таа самата.
Преземено од ЦИВИЛ