Израелските војници се повлекуваат од разурнатиот град Кан Јунис за да се подготват за нова офанзива врз Рафах во јужниот дел на Појасот Газа, објави во неделата министерот за одбрана на земјата, Јоав Галант.
Тој им се обрати на командантите на израелската армија и рече дека силите привремено се повлечени од Кан Јунис и дека се подготвуваат „за нивните идни мисии во областа Рафах“.
Претходно во неделата, израелските сили објавија дека нивната елитна 98-ма дивизија ја „завршила својата мисија“ и дека ќе се повлечат за да „закрепнат“.
Рафах, најјужниот град во Појасот Газа долж границата со Египет, е означен за безбедна зона за цивилите кои бегаат од масовното уништување во густо населените области на северот на Газа. Се проценува дека околу 1,7 милиони Палестинци се раселени поради израелската инвазија, која следеше по нападот на Хамас на 7 октомври. Хуманитарните организации предупредуваат дека целото население сега е во опасност од глад. Израел изјави дека според нивните информации, во Рафах биле стационирани четири баталјони борци на Хамас.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во февруари предупреди дека нападот врз Рафах „ќе ја закова последната шајка во ковчегот“ на операциите за хуманитарна помош и ќе ги остави цивилите без поддршка. Претходно оваа недела, израелската војска призна дека убиле седум хуманитарни работници, откако неколку пати нападнале конвој на организацијата за дистрибуција на храна (WCK) во центарот на Газа, напад кој го нарекоа „оперативна грешка“, пренесува политичкиот магазин Политико.
САД и другите западни сојузници неколку пати го повикаа Израел да не врши сеопфатен напад врз Рафах, последната преостаната област која не е под израелска воена контрола.
Во изјавата во февруари кога првично беше најавена операцијата, шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, рече дека блокот е „многу загрижен поради плановите на израелската влада за можна копнена операција во Рафах, каде што повеќе од еден милион Палестинци во моментов се кријат.
Се проценува дека повеќе од 30.000 Палестинци загинале во пет месеци од почетокот на борбите во Газа.