Израел се согласил на паузи во борбите во Газа заради вакцинација против полио

од Milan1
11 прегледи

Израел се согласи на ограничени дневни паузи во борбите во Појасот Газа за да се овозможи кампања за вакцинација против полио, соопшти денеска Организацијата на Обединетите нации.

Борбите ќе престанат во три области на палестинската територија од утро до попладне во три последователни дена, според претставникот на Светската здравствена организација (СЗО), Рип Пиперкорн, повикувајќи се на обврската што ја презеде израелската власт одговорна за палестинските прашања, јави ДПА..

Пиперкорн изјави дека кампањата за вакцинација против полио ќе започне на 1 септември во централниот дел на Газа и ќе се спроведува во следните два дена во јужниот и северниот дел на Газа.

Дневните паузи во борбите, со цел да се овозможи вакцинацијата на повеќе од 600.000 деца, ќе започнуваат во 6 часот наутро и ќе завршуваат меѓу 14 и 15 часот, додаде тој.

По откривањето на полио вируси во отпадните води во Газа, вакцините против болеста беа донесени во крајбрежното подрачје минатата недела, кое е подложено на тековната израелска блокада.

Обединетите нации имаат цел да вакцинираат повеќе од 600.000 деца во Појасот Газа против вирусот во две рунди вакцинации.

За да се овозможи апликацијата на дозите, претставници на ОН повикаа на привремен прекин на огнот во војната во Газа, која започна пред речиси 11 месеци.

Од почетокот на војната, предизвикана од нападот на Хамас на Израел на 7 октомври, многу бебиња во Појасот Газа не се вакцинирани.

Лошите хигиенски услови во крајбрежниот Појас, каде што бројни внатрешно раселени лица преживуваат во многу тесни простори, а чистата вода е оскудна, можат да придонесат за брзо ширење на болеста.

Слични содржини