Израелската војска: Отворен преминот Кером Шалом, пристигнаа првите камиони со храна и лекови

од Илинка Илиоска
229 прегледи

По бројните предупредувања од меѓународните хуманитарни организации дека Газа е „на работ на глад“, Израел повторно го отвори преминот Керем Шалом, каде веќе пристигнаа првите камиони од Египет со храна, вода и лекови, соопшти армијата.

„По детална безбедносна проверка, опремата ќе биде пренесена на страната на преминот во Газа“, додаваат тие.

Израел го затвори Керем Шалом во неделата, на 5 мај, кога четворица израелски војници беа убиени во ракетен напад на Хамас од областа на преминот Рафах, соопшти тогаш израелската војска.

Израелските воздушни напади низ Појасот Газа продолжија во текот на ноќта, само неколку часа откако Израел ја презеде контролата врз граничниот премин Рафах, кој и понатаму е затворен.

Локалните здравствени работници рекоа дека седум членови на едно семејство биле убиени во нападите меѓу вторникот и средата, во услови на преговори за прекин на огнот.

Висок американски функционер потврди дека САД ја прекинале испораката на бомби во Израел поради загриженоста дека израелските сили ќе започнат голема офанзива врз градот Рафах.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ги повика Израел и Хамас „да покажат политичка храброст и да постигнат договор за запирање на крвопролевањето и ставање крај на страдањата на Палестинците и израелските заложници во Газа“.

Во Рафа, повеќе од милион луѓе кои побегнаа од другите делови на енклавата, каде што се водеа најголемите борби, најдоа засолниште.

Слични содржини