Израелски министер: Ниту зрно пченица нема да влезе во Газа

од Milan1
13 прегледи

Екстремно десничарскиот министер за финансии на Израел, Безалел Смотрич, денес изјави дека нема да дозволи да влезе ниту едно зрно пченица во опколениот Појас Газа, јавува агенцијата „Анадолија“.

„Ниту едно зрно пченица нема да влезе во Газа“, рече Смотрич во изјавата за израелскиот дневен весник „Једиот Ахронот“.

Од 2 март Израел ги затвори сите гранични премини со Газа, целосно запирајќи го доставувањето хуманитарна, медицинска и друга помош, а, според локалните власти и извештаите на организациите за човекови права, тоа доведе до невидена хуманитарна криза.

Оваа блокада е дел од обновената офанзива во Газа што започна на 18 март и во која досега умреа 1.400 лица, а повредени се над 3.400 луѓе и покрај претходниот договор за прекин на огнот и размена на затвореници.

Смотрич, кој е познат по цврстите ставови, изјави дека за него е поважно да се победи палестинското движење Хамас отколку да се обезбеди враќање на израелските заробеници од Газа.

Минатата недела израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави засилување на нападите врз Газа во рамките на обидите да се спроведе планот на американскиот претседател Доналд Трамп за раселување на Палестинците од енклавата.

Од октомври 2023 година досега во израелската офанзива во Газа се убиени над 50.700 Палестинци, повеќето жени и деца.

Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант поради воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во Газа.

Израел се соочува и со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради војната против палестинската енклава.

Слични содржини