Ја купил куќата на Мерлин Монро за да ја урне и да заработи пари за нова градба

од Vladimir Zorba

На вилата во која славната Мерлин Монро ги помина последните години од животот и се заканува рушење.

Оваа недела општината му даде дозвола на сопственикот да ја сруши вилата во шпански стил од 270 квадратни метри, која е на еден кат и градина, како и базен кој се наоѓа зад куќата, пренесува Анса.

Куќата е изградена во 1929 година, таа се наоѓа на крајот на мирна улица во Брентвуд, луксузна населба каде вредноста на градежното земјиште денес вртоглаво расте.

Токму поради оваа причина, сопственикот сака да ја урне куќата, која е прескромна за сегашните критериуми и за зоната во која се наоѓа, за да може таму да изгради нешто многу поисплатливо.

„Тоа е напад врз историјата и културата на овој град“, рече Адријан Скот Фајн, од Здружението за зачувување на архитектонски и историски знаменитости на Лос Анџелес. „Собираме потписи за да ги натераме градските власти да ја повлечат дозволата за уривање и да ја прогласат вилата за локација од историско-културно значење“, вели Фајн.

Мерлин Монро, ѕвездата на холивудски и комични класици како „Некои го сакаат тоа жешко“ или „Мажите претпочитаат русокоси“, многу често ја менуваше резиденцијата во Лос Анџелес.

Единствената куќа што си ја купила е оваа мала, бела вила. Актерката ја купила во 1961 година за 75.000 долари.

Куќата, која остана горе-долу непроменета, последен пат е продадена пред еден месец, за 8,4 милиони долари.

Токму во таа куќа, во спалната соба, 36-годишната холивудска дива е пронајдена мртва, а причина за смртта е предозирање со барбитурати.

Слични содржини