Јаневска: Историја, географија и граѓанско, повторно како посебни предмети во училиштата

од Илинка Илиоска
242 прегледи

Концепцијата за образованието која го замени предметот историја со општествени науки нема да биде укината, туку ќе биде реформирана.

„Историја, географија и граѓанско, повторно ќе има како посебни предмети во училиштата. Во учебната 2025/26 година, ќе се воведе надградена концепција со нови наставни програми и учебници, а специјализираните предмети ќе започнат да се предаваат уште оваа година“, изјави министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска.

Денеска беше промовиран нов електронски дневник, кој, според Јаневска, ќе спречи неовластени промени на оценките и бришење на изостаноците. Наставниците ќе бидат обучени како да го користат новиот дневник, а додека тој не се стави во употреба, ќе продолжи користењето на стариот систем.

Министерката Јаневска најави и дека утре ќе се одржи средба со СОНК за започнување на преговори за подобрување на условите на вработените во образованието, вклучувајќи го и потпишувањето на колективен договор за зголемување на платите, кој се очекува да биде реализиран до крајот на мандатот.

Министерството за образование и наука, од денес, има нов информациски систем за управување со образованието, финансиран од ИПА фондовите на Европската унија. На промоцијата на новиот софтверски систем, министерката Јаневска изрази благодарност за поддршката од ЕУ и најави зајакнување на соработката со европските образовни институции за забрзување на модернизацијата на националниот образовен систем.

„Очекувам новиот информациски систем да биде многу ефикасен, бидејќи ќе ги спои двата досегашни најголеми системи за административна работа на училиштата и ќе воспостави добри контролни механизми. Ова ќе овозможи зголемена употреба и подобра интеграција на новата технологија, со различни можности за анализа и обработка на податоци, кои се неопходни за носење квалитетни одлуки базирани на факти“, рече Јаневска.

Таа посебно го истакна значењето на новиот електронски дневник, кој ќе биде корисна алатка за наставниците, но и важен информатор за родителите и старателите на учениците.

Слични содржини