Во последно време, низ целата држава се слушаат алармантни информации дека на некои универзитети и факултети, без разлика дали се јавни или приватни, дипломите се купуваат, а студентите не го добиваат потребното знаење. Се случува студентите да добијат дипломи без да се појават на настава или без да покажат соодветни способности.
Вакви случаи остануваат недокажани, бидејќи оние што ги купуваат дипломите и оние што ги продаваат не се подготвени јавно да го признаат ова. Но, недостигот на квалитетни дипломи е видлив секојдневно, особено во јавната администрација, каде што луѓето со такви дипломи не можат да се снајдат во приватниот сектор или на други клучни позиции, истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на панел дискусијата „Подобрување на образованието“.
Како што појасни Јаневска, Министерството за образование и наука постојано мониторира работата на универзитетите, за да го сопре процесот на издавање дипломи кои не одговараат на реалната вредност на стекнатото знаење. Министерството користи достапни алатки, како што се Државниот просветен инспекторат и Агенцијата за квалитет во високото образование, за да ги истражат и санкционираат сите нерегуларности.
„Докажувањето на вакви случаи е тешка и долготрајна задача, но се преземаат сите мерки за да се спречи понатамошно издавање на дипломи без реална вредност. Државниот просветен инспекторат постапил во 1400 предмети во последните шест месеци, што е голема бројка,“ рече Јаневска.
Таа нагласи дека за целосна реализација на образовните реформи е потребен временски период, и дека Министерството ќе продолжи со поригорозно постапување за да се спречи одливот на образовани кадри.
„Ништо не се може да се направи преку ноќ. Треба време за да ги спроведеме реформите, а конечната цел е да ги задржиме образованите кадри во државата,“ истакна министерката.
Во однос на законските измени, Јаневска посочи дека законот треба да биде флексибилен и способен да се менува, ако е потребно, за да се подобри образованието. Акцентот е ставен на имплементацијата на добрите законски решенија.