Јанушев: Со неспроведување на Изборниот законик ни се подготвува изборен фалсификат

355 прегледи

Пред неколку дена имавме прес-конференција на тема „гласање со отисок од прст“ , денес повторно ќе зборувам за тоа бидејќи, во најмала рака, се сомневаме дека Зоран Заев не сака договор за Изборниот закон, и намерно и свесно го одолговлекува спроведување на законот во делот на отисокот од прст, само и само за да има полнење на кутии и групно гласање.

Ова е последица на тоа што и Заев знае дека на фер и демократски избори ќе доживее дебакл.

СДСМ е спремна да го крши и да не го спроведе Изборниот законик само за да може да спроведе изборен фалсификат. Изборниот законик кој лани пред изборите, во Февруари 2020тата година беше донесен акламативно од страна на партиите во Собранието е дециден и тој наложува задолжително користење на опрема за отчитување на отисоци од прсти и тоа од две причини: прво, за потврдување на идентитетот на гласачите, и второ, за утврдување дали гласачот веќе го има остварено гласачкото право.

За што станува збор? Сите ние кога одиме на гласање на избирачкото место  најпрво го даваме документот за лична идентификација, нашата лична карта или нашиот пасош. Откако избирачкиот одбор утврдува дали ние се наоѓаме во избирачкиот список, ќе имаме уште еден дополнителен чекор каде што ќе треба да го вметнеме прстот во уредот за отчитување на отисокот за да утврди односно го потврди нашиот идентитет, дали станува точно збор за тоа лице. Но исто така уредот ќе ни каже дали овој гласач веќе гласал на самото избирачко место или на било кое друго избирачко место во Република Македонија.

Повторувам, системот ќе овозможи во никој случај да не може да дојде до двојно гласање, односно едно лице да гласа за друго, ниту едно лице да гласа на повеќе избирачки места и во никој случај не може да дојде до полнење на кутии, бугарски возови итн.

Набавката на фингерпринт терминалите е законска обврска и истата мора да се исполни. Одржување на избори без фингерпринт терминали е спротивно на Изборниот законик и истото претставува кривично дело.

Владата имаше повеќе од доволно време да набави фингерпринт терминали и ништо не може да биде изговор.

Она што го прави Заев е замајување на јавноста и купување на време за да пред избори со раката на срце рече „нема доволно време, ајде да одиме на избори без законската обврска за електронски отисок на прст“ или во превод почитувани граѓани Заев ќе ни каже „ајде на избори кои брутално ќе ги украдат без разлика на вашата волја“.

Народот заслужува фер избор но, народот заслужува и одговори. Дали СДСМ со кршењето на законот сака всушност да направат пат за изборни нерегуларности со семејно гласање и со полнење на кутии, како што тоа се правеше во изминатиот период, во кој имаше гласање на секои 5 секунди?

Господа од СДСМ, уште еднаш ве повикуваме во ниту еден момент да не помислите да одите спротивно на закон, бидејќи одговорност за секое насилие ќе има и за секое прекршување на законот ќе ве стигне казната!

Слични содржини