Јапонската влада во петокот одобри рекорден буџет за одбрана за следната година, кој ќе биде зголемен за повеќе од 16 отсто на 56 милијарди долари и ќе го забрза распоредувањето на крстаречки ракети со долг дострел кои можат да погодат цели во Кина или Северна Кореја.
Во буџетот е предвидено и дополнително зајакнување на армијата со борбени авиони Ф-35 и друго американско оружје, пренесе АП.
Следната година е втора во петгодишната програма за зајакнување на војската, во согласност со новата безбедносна стратегија, која владата на премиерот Фуми Кишида ја усвои минатата година.
Јапонија планира да потроши 300 милијарди долари до 2027 година за да ја зајакне својата воена моќ и речиси двојно да ги зголеми годишните трошоци до 68 милијарди долари, со што јапонскиот воен буџет ќе биде трет по големина во светот, зад САД и Кина.
Голема промена во системот за извоз на оружје
Јапонија во петокот ги олесни строгите регулативи за извоз на одбранбена опрема во обид да ги зајакне врските со сојузничките земји.
Владата дозволи оружјето произведено во Јапонија под странска лиценца, вклучувајќи готови производи и компоненти, да биде испорачано во земјата каде што е седиштето на давачот на лиценцата.
Тоа е прва голема промена во системот за извоз на оружје од 2014 година, кога Јапонија ја укина политиката за ембарго за оружје, според агенцијата Кјодо.
Ревизијата, исто така, ѝ дозволува на Јапонија да продава делови за оружје под услов компонентите да не се инхерентно смртоносни, како што се моторите на борбени авиони, и да снабдува одбранбена опрема на земјите што се бранат од инвазии кои го прекршуваат меѓународното право, како што е Украина.
Според Министерството за одбрана, јапонските сили се опремени со 79 странски лиценцирани производи, од кои 32 од САД и 47 од седум други земји.
Испораката на производи развиени заедно со меѓународни партнери од трети земји допрва треба да биде одобрена, бидејќи владејачките партии не успеаја да се договорат за ова прашање, што предизвикува неизвесност околу заедничкиот проект за развој на борбени авиони со Велика Британија и Италија.
Борбен авион од новата генерација до 2035 година
Претходно, Јапонија можеше да испорачува само компоненти на одбранбени производи лиценцирани во САД, но сега може да извезува не само компоненти, туку и готови производи на барање на која било земја на потекло на лиценцата за производство.
Регулативите беа олеснети врз основа на предлогот на Либерално-демократската партија на премиерот Кишида и нејзиниот коалициски партнер, партијата Комито.
Владејачките партии ќе продолжат со разговорите за дополнителни ревизии на правилата.
Со оглед на тоа што Јапонија, Велика Британија и Италија имаат за цел заеднички да развијат борбен авион од следната генерација до 2035 година, администрацијата на Кишида се обидува да ја укине забраната за извоз на заеднички развиени производи во други земји.
Страните имаат за цел да постигнат договор следната година, иако Комеито останува претпазлив во однос на промовирањето на извозот на оружје.
Владата најави дека сака да постигне договор за ова прашање до крајот на февруари следната година.