Јавниот превоз во цела Холандија запре три минути во знак на револт

од Симе Стоиков
207 прегледи

Возовите, автобусите, трамваите и метрото во Холандија запреа три минути во знак на протест против зголеменото насилство врз вработените во јавниот превоз.

Речиси целиот јавен превоз во земјава запре во саботата во 22:30 часот, а сите продавници на железничките станици ги затворија вратите. Во Амстердам застанаа и траектите, пренесува Хина.

Портпаролот на холандските железници изјави дека протестот бил успешен и дека сите возови запреле.

За причината за протестот биле информирани патниците. „Оставете ги нашите колеги на мира, благодарам“, рекоа кондуктерите на возовите преку информациските системи за патници и на железничките станици.

Протестот е реакција на малтретирање на кондукторка пред седум дена, кога беше претепана од група млади момчиња и турната по скалите. Поради тоа 15-годишник заврши во притвор, а претепан бил и машинскиот.

На протестот се приклучија и јавните транспортни претпријатија и нивните синдикати на регионално и општинско ниво.

Јавните превозници веќе подолго време се жалат на насилство и агресија врз работниците. Само на железницата лани се случиле 1.042 насилни инциденти, осум отсто повеќе од претходната година.

Слични содржини