Јовановски: Годинава активна за подобрување на животот на граѓаните на Прилеп

од Vladimir Zorba
175 прегледи

Нови 24 улици, специјално возило за противпожарната единица, реновирани четири детски игралишта, за енергетска ефикасност променета е дограмата во прилепските училишта, урбанистички планови за градот и населените места, изградба на спортскиот стадион „Гоце Делчев“, проекти во тек и можеби најважното, набавката на четири нови автобуси на метан за посигурен превоз и заштита на животната средина. Ова се дел од проектите оваа година и бројните зафати во тек и продолжуваат во наредната 2020 година, на прилепската локална самоуправа, кажа во отчетот прилепскиот градоначалник Илија Јованоски.

Според Јованоски, годинава била активна за подобрување на животот на граѓаните во повеќето сфери.

– Оваа година се изградени 24 улици во должина од околу 12 километри, а имаме тампонирано околу 20 километри улици во градот и во населените места. Денеска е отворањето на новиот тендер и аукцијата за асфалтирање улици во вредност од 15 милиони денари и се надевам дека до крајот на оваа градежна сезона ќе може дополнително да асфалтираме околу десетина улици. Особено е важна набавката на четири автобуси на метан како нови еколошки автобуси, со кои обезбедуваме посигурен и побезбеден превоз и ја заштитуваме животната средина. Прилепската противпожарна единица доби специјално возило во вредност од околу 6 милиони денари, како и придружна опрема за пожарникарите кои, пожртвувано во изминатите 10 месеци се справија со над 500 пожари во Општината, од кои над 300 биле ридско–планински, како и со триесетина сообраќајни несреќи. Реновирани се четири детски игралишта, а направено е и едно ново во Паркот на Револуцијата кое, поради изборот на Прилеп за најеколошка општина во државава, е донација од компанијата „Пакомак“. Поставена е нова урбана опрема во централното градско подрачје во вредност од околу 2.400.000 денари, рече Јованоски.

Завршен е проектот “Маркови Кули – заштита и делување“, при што е изградена инфраструктура и пристапен пат, особено ако се знае дека комплексот „Маркови Кули“ претендира да биде на постојаната листа на УНЕСКО. Според Јованоски, е битна изградботката на урбанистичките планови и на градскиот стадион „Гоце Делчев“.

-Комплетно се изработени четири урбанистички планови во градот, а во постапка се уште шест детални и три регулациски урбанистички планови кои ќе бидат завршени до крајот на оваа година. На Градскиот стадион „Гоце Делчев“ веќе се реконструираат трибините. Што се однесува до енергетската ефикасност, целосно е променета дограмата во Домот за стари лица, зафат вреден 15 милиони денари, а променета е дограмата во четири основни и две средни училишта со средства од 8 милиона денари. направени се фасади во подрачни улилишта и со 3,7 милиони денари се реконструира зградата на приелепската гимназија „Мирче Ацев“, рече Јованоски.

Зафати за реконструкции и обновување на објектите има и во детските градинки, а Јованоски нагласува дека е направен идејниот проект за секундарната дистрибутивна гасоводна мрежа.

-Секундарната дистрибутивна гасоводна мрежа е во должина од 20 километри, а во тек е изработката на Основниот проект, но сѐ уште се чека на одлуката од Владата за тоа дали државата комплетно ќе ја гради и секундарната мрежа, или секоја општина посебно, рече Јованоски.

За проектите кои се во тек, неколку издвои како посебно значајни за Прилеп.

-Првпат по 45 години се гради армирано-бетонскиот мост на Градската Река во населбата Сточен пазар и е од големо значење за шпедицијата и целиот транспорт на стопанските субјекти. Ќе се гради Прилепскиот булевар за што е завршен тендерот за изведувач. Во тек се три проекти преку Агенцијата за рурален развој, за кои тендерската постапка завршува во ноември, а се однесуваат на изработката на техничка документација за урбанизирање на 30 села, за изградба на патот помеѓу селата Волково и Прилепец, па и патот до манастирот „Св.Никола. Во завршна фаза е подготовката на проектите за поставување на пристапни рампи во училиштата и детските градинки, рече Јованоски објаснувајќи што се е направено годинава или е во тек за подобрување на животот на прилепчани.